Riyaz ul Khaliq
06 Март 2019•Ажурирај: 06 Март 2019
АНКАРА (АА) - Јужна Кореја „откри индиции“ кои укажуваат дека Северна Кореја го „обновува помошниот објект“ од комплексот за лансирање ракети од долг дострел во Донганг-ри, кој минатата година беше делумно „демонтиран“, објавија локалните медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).
Цитирајќи владини извори од Сеул, јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“ (Yonhap) денес објави дека Пјонгјанг во јуни минатата година започнал со демонтажа на комплекот за лансирање ракети, лансирната рампа и пругата што ги поврзуваше, но со тоа прекинал следниот месец, и дека од неодамна постојат индиции дека Северна Кореја повторно го обновува местото.
Развојот на настаните дојде само неколку дена по самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, во Ханој, на кој не се успеа да се постигне консензус за денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров.
Истражувачкиот центар „Beyond Parallel“ („Бијонд Паралел“) со седиште во Вашингтон, кој работи на обединувањето на двете Кореи, исто така тврди дека неговите снимки добиени од комерцијални сателити од 2 март 2019 година покажуваат дека Северна Кореја спроведува брза реконструкција на локацијата за лансирање на ракети со долг дострел во Сохае
„Овој комплекс беше напуштен од август 2018 година, укажувајќи дека сегашната активност е намерна и со одредена цел“, објави „Јонхап“, цитирајќи го центарот „Beyond Parallel“.
На третиот состанок со претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин, во Пјонгјанг минатиот септември, Ким понуди „трајно ставање надвор од употреба на местото за тестирање и лансирање во Донгчанг-ри, во присуство на меѓународни експерти“.
Сепак, „Јонхап“ објавува дека Националната разузнавачка служба на Сеул во вторникот му соопштила на разузнавачкиот комитет на Националното собрание дека Северна Кореја „ги враќа покривот и вратата во комплексот во Донгчанг-ри“, индикација за негово повторно ставање во употреба.
По самитот во Ханој, Трамп изјави дека не може да ги исполни барањата на Ким за целосно укинување на санкциите, што Пјонгјанг го демантираше истакнувајќи дека Ким барал само делумно укинување на санкциите со цел да се продолжи напред.