Ekipa
06 Март 2017•Ажурирај: 07 Март 2017
СЕУЛ (АА) - Северна Кореја вчера лансираше четири забранети балистички ракети кои летаа околу 1.000 километри, од кои три слетаа во јапонскиот економски појас, соопштија јужнокорејки и јапонски официјални лица.
Јужнокорејската здружена команда соопшти дека ракетите се лансирани од подрачјето Тонгчан-ри во провинцијата Северен Пјонган.
Сè уште не е јасно за каков тип на ракети станува збор, но официјалните лица во Вашингтон тестирањето го сметаат за провокација.
„Њујорк тајмс“ изминатиот викенд напиша дека и покрај напорите кои се вложуваат за усовршување на кибер и електронските напад против балистичката програма на Северна Кореја, САД и понатаму не можат ефикасно да ги потиснат активностите на Пјонгјанг.
Јапонски официјални лица тврдат дека три од четирите ракети слетале на 200 наутички милји од подрачјето над кое Токио има суверени права за истражување и експлоатација на ресурси.
Пјонгјанг во последните неколку месеци спроведе серија тестирања на ракети, вклучувајќи и ракета со среден дострел, која беше лансирана во февруари. Исто така, минатата година спроведе две нуклеарни тестирања што меѓународната заедница остро го осуди.
Ставот на Северна Кореја ќе стане појасен напролет, кога се планирани нови воени вежби кои Јужна Кореја и САД редовно ги одржуваат. Пјонгјанг на тие вежби традиционално одговараше со осудување, сметајќи ги како подготовки за војна.
САД имаат 28.500 војници распоредени во Јужна Кореја и 50.000 во Јапонија како мерка за претпазливост поради, како што се наведува, можна агресија од Северна Кореја.