Ekipa
27 Јуни 2017•Ажурирај: 28 Јуни 2017
СЕУЛ (АА) - Властите на Северна Кореја го обвинија претседателот на САД, Доналд Трамп, дека промовира „американска верзија на нацизмот“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пораката на властите од Пјонгјанг ја пренесе државната новинска агенција KCNA (КЦНА), а таа следуваше откако Врховниот суд на САД неодамна одобри дел од забраните на Трамп за влез во таа земја.
Северна Кореја, која е предмет на многу меѓународни санкции и е осудувана за кршење на основните човекови права и меѓународните норми, го обвини американскиот претседател Трамп дека спроведува политика „прво Америка, па сѐ останато“, која со бруталноста, варварството и шовинизмот го надминува фашизмот од минатиот век.
Обвинувањата на сметка на Трамп, Северна Кореја ги упати на почетокот на неделата во која новоизбраниот претседател на Јужна Кореја треба да патува во официјална посета на Вашингтон и да се состане со Трамп.
Се очекува лидерите на официјален Вашингтон и Сеул в четврток и петок да договорат продолжување на блиската соработка во спречувањето на Северна Кореја да развие нуклеарно оружје.
САД на Корејскиот Полуостров ангажираше 30.000 војници и антиракетни системи како превенција од можен напад на Северна Кореја, а официјален Пјонгјанг смета дека американскиот воен ангажман е прикриен план да се повтори Корејската војна од почетокот на педесеттите години од минатиот век.