Riyaz Khaliq Khaliq
30 Јануари 2023•Ажурирај: 31 Јануари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Северна Кореја ги критикуваше Соединетите Американски Држави (САД) откако Вашингтон објави дека на Украина ќе ѝ испорача 31 тенк М1 Абрамс, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Тоа е апсурдно и чиста софистика бидејќи е продолжување на нелогичното, деформирано и гангстерско размислување на САД“, рече Квон Јонг Гун, генерален директор на Одделот за американски работи при Министерството за надворешни работи на Северна Кореја.
Тој истакна дека сегашната ситуација во Украина немало да се случи доколку „САД не ги нарушеа легитимните безбедносни интереси на Русија и не го забрзаа напредувањето на НАТО кон исток“.
„Ова е неетичко злосторство кое има за цел да ја одржи меѓународната ситуација нестабилна“, изјави севернокорејскиот претставник.
Тој, исто така, негираше дека Северна Кореја ѝ доставува оружје на Москва.
„Во обид да го оправдаат испраќањето оружје во Украина, САД повторно зборуваа за неоснованите гласини за трговија со оружје меѓу КНДР (ДМК) и Русија“, рече Квон.
САД во средата објавија дека ќе испратат тенкови Абрамс во Украина, додека Германија, Шпанија и Норвешка најавија дека ќе испорачаат тенкови Леопард 2 во Киев.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека испораката на десетици американски тенкови М1 Абрамс значително ќе ја зајакне способноста на Украина да се одбрани од офанзивата на Русија, но остана на ставот дека тие не претставуваат офанзивна закана за Кремљ.