Halit Süleyman
29 Октомври 2017•Ажурирај: 30 Октомври 2017
ДАМАСК (АА) - Силите лојални на режимот на Асад во Сирија извршија напад врз цивили во Источна Гута, која спаѓа во „зоните без судири” во подрачјето на Дамаск. Во нападот загинаа 6 лица, а 7 се повредени, јавува Anadolu Agency (AA).
Махмуд Етем, еден од одговорните на Цивилната одбрана (Белите шлемови) во Источна Гута за АА изјави: „Силите лојални на режимот извршија напади во кои пет лица ги загубија своите животи во Хамурије, додека едно дете загина во појасот Сабка. Во нападот се ранети 7 лица”.
Претставникот на Цивилната заштита истакна дека ранетите се префрлени во мобилните полски болници во подрачјето.
Во меѓувреме, Јусуф ел Бустани, член на локалниот Комитет за координација во Источна Гута изјави: „Режимот денеска ги нападна местата Сабка, Хамурије и Кафр Батна. Силите на режимот се обидоа да се пробијат кај Ајн Терма и Џобар. Опозицијата успеа да го спречи пробивот на силите на режимот и да ги распрска наназад”.
Поради опсадата која врз Источна Гута ја спроведува режимот на Асад, Бустани истакна дека е многу лоша состојбата на цивилите во подрачјето.
„Режимот го користи оружјето против цивилите предизвикувајќи глад. Режимот претходно, користејќи го притисокот, поради гладта успеа да го отсели локалното население од местата Јермук, Мадаја и Забадани”, додаде Бустани.
Источно од Дамаск, во подрачјето на Источна Гута, местата Џобар и Ајн Терма веќе пет години се под опсада на режимот.
Режимот посакува да го отцепи Џобар, сместено во југоисточниот дел на Источна Гута, и месноста Ајн Терма, во југозападниот дел, со што ќе може самостојно да го држи целиот тој дел под опсада.
Турција, Русија и Иран за време на состанокот во Астана на 3 и 4 мај го прогласија подрачјето на Источна Гута како едно од четирите „зони без судири”. Русија на 22 јули прогласи дека во Источна Гута е прогласено примирје, но силите на режимот ги продолжуваат нападите со повремени прекини.