Ömer Tuğrul Çam
28 Април 2022•Ажурирај: 29 Април 2022
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Финска и Шведска, доколку аплицираат за членство во НАТО, ќе бидат срдечно добредојдени и нивните процеси за членство би можеле да бидат завршени за кратко време, јавува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг одговараше на прашања на новинарите во Брисел пред средбата во Европскиот парламент на која треба да ги информира политичките страни за последната ситуација во Украина.
На прашањето колку долго ќе трае процесот на зачленување доколку Финска и Шведска сакаат да станат членки на НАТО, Столтенберг рече:
„Аплицирањето за членство во НАТО е одлука што треба да ја донесат Финска и Шведска. Доколку го сторат тоа, ќе добијат многу топло добредојде, бидејќи тие се наши најблиски партнери, силни и зрели демократии, членки на Европската Унија. Ние соработуваме со овие две земји многу години.“
Тој додаде дека вооружените сили на овие земји ги исполнуваат стандардите на НАТО и се компатибилни со НАТО.
„Заедно правиме обуки и вежби. Работевме заедно на многу операции и мисии. Ќе бидат добредојдени доколку се пријават. Очекувам процесот да биде брз“, додаде Столтенберг.
Шефот на НАТО додаде дека доколку НАТО ги покани двете земји да се приклучат, тоа ќе биде силна политичка порака дека „безбедноста на Финска и Шведска е важна за сите членки на НАТО“.
„Руските закани и заплашувања кон Шведска и Финска да не аплицираат за членство покажуваат дека Русија не го почитува правото на секоја земја да го избере својот пат“, рече Столтенберг.
Тој објасни дека доколку двете земји одлучат да се приклучат, може да се преземат неопходни мерки за да се обезбеди безбедност на Финска и Шведска во периодот пред официјалното членство, за што е потребно одобрение од парламентите на 30 земји, по поднесувањето на барањата.
Говорејќи за ситуацијата во Украина, Столтенберг истакна дека износот на воената поддршка што членките на НАТО ѝ ја дадоа и посветија на Украина достигна 8 милијарди долари.