Barış Seçkin
27 Октомври 2020•Ажурирај: 28 Октомври 2020
РИМ
Во Италија граѓаните протестираат поради владините мерки воведени со цел сузбивање на ширењето на новиот вид коронавирус, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Мерките што во неделата ги најави италијанскиот премиер Џузепе Конте, а кои денес стапуваат на сила, доведоа до протести на многу места, посебно во Милано, Торино, Трст и Неапол.
Локалните медиуми наведуваат дека протестите во Милано и Торино прераснале во насилство.
Во Милано, вториот по величина град во земјата, полицијата интервенираше со солзавец врз демонстрантите кои сакаа да маршираат без дозвола до зградата на регионалната Влада на Ломбардија, во знак на протест поради мерките.
Група демонстранти се собраа во различни делови на градот, а една од нив фрли Молотови коктели врз полициско возило.
За време на протестите во Милано еден полицаец е полесно повреден, а приведени се две лица.
Во Торино дојде до судири меѓу полицијата и демонстрантите, кои синоќа излегоа на плоштадите со повик за „Народен протест“.
Полицијата интервенираше со солзавец врз демонстрантите. Плоштадот „Сан Карло“ беше како воена зона, а во улиците на Рим демонстрантите скршија излози на некои познати продавници.
Во Торино се повредени двајца полицајци, а приведени се десет лица.
Во Неапол, уште еден голем град во Италија, продолжени се протестите што започнаа во саботата против мерките на локалните власти.
Стотици демонстранти насобрани на познатиот градски плоштад „Плебисцито“ протестираа поради полицискиот час што е воведен меѓу 23 и 5 часот во регионот.
И во Трст дојде до напнатост меѓу демонстрантите и припадниците на безбедносните сили.
Освен големите протести во големите градови, поради затворањето на рестораните, баровите, кафулињата и слаткарниците во 18 часот се протестираше во многу градови, посебно во Рим и Палермо.
Најмалку во следниот месец поголем дел од луѓето во Италија ќе мора на отворено да носат заштитни маски, теретаните и кино-салите ќе бидат затворени, како и скијалиштата за сите освен за професијалните скијачи, а кафулињата и рестораните ќе мора да работат до раните вечерни часови.
Најновите рестриктивни мерки се воведени со указ што во неделата го потпиша италијанскиот премиер Џузепе Конте, кој отфрли уште едно сериозно заклучување на земјата и покрај моменталниот висок пораст на бројот на заразените со Ковид-19. Во неколку италијански региони носењето маски на отворено беше задолжително и претходно.
Италија во саботата ја надмина границата од половина милион потврдени случаи на заразување со Ковид-19 од почетокот на епидемијата во февруари, кога беше прва погодена земја во Европа.