Kasım İleri
07 Јули 2016•Ажурирај: 07 Јули 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Барак Обама и неговиот руски колега, Владимир Путин, во средата имаа телефонски разговар за азербејџанско-ерменскиот конфликт и граѓанската војна во Сирија и Украина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што вели Белата куќа, главната причина за телефонскиот повик било да се разговара во врска со „состанокот на Путин со претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, и на Ерменија, Серж Саркисјан, во однос на решавањето на конфликтот во Нагорно-Карабах, на 20-ти јуни”.
Во соопштението од Кремљ цитирано од руските медиуми се вели дека повикот е инициран од страна на Путин со цел да го извести Обама за резултатите од разговорите за Карабах бидејќи САД се ко-претседавач со групата Минск која делува во рамките на Организацијата за европска безбедност и соработка, но не се дадени детали ниту во двете соопштенија.
„Претседателот Обама изрази подготвеност за интензивирање на напорите заедно со Русија и Франција, како ко-претседавачи со групата Минск при Организацијата за европска безбедност и соработка, со цел постигнување сеопфатно решение за конфликтот”, се вели во соопштението на Белата куќа.
Двајцата лидери во текот на телефонскиот разговар зборувале и за граѓанската војна во Сирија, истакнаа од Белата куќа.
Обама изразил загриженост за неуспехот на сирискиот режим да го почитува прекинот на огнот во земјата постигнат со посредство на ОН а проширен од САД и Русија во април.
„Претседателот Обама ја истакна важноста на Русија во вршењето притисок врз сирискиот режим за запирање на нападите врз цивили и засегнатите страни во примирјето”, истакнаа од Белата куќа.
Соопштението од Кремљ, цитирано од руските медиуми, вели дека Путин побарал од Обама да ги поттикне умерените сириски опозициски групи да се ослободат од поврзаноста со фронтот Нусра и ја истакна посветеноста на двајцата лидери за „градење координација на руските и американските акции во Сирија воената сфера”.
Белата куќа не ја спомена воената координација но спомена дека „претседателот ја потврди посветеноста за поразување на ДАЕШ и фронтот Нусра”.
Дискутирајќи за конфликтот во источна Украина, Обама го повика Путин „да се преземат чекори за ставање крај на борбите во источниот дел на Украина”.