Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
11 Јануари 2022•Ажурирај: 12 Јануари 2022
АНКАРА
Казахстанскиот претседател Касим Џомерт Токаев денес изјави дека мировните сили предводени од Русија ќе почнат постепено да се повлекуваат од неговата земја во следните два дена, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Локална новинска агенција „Казинформ“ објави дека на пленарна средба во Долниот дом на Парламентот, Токаев изјавил дека „критичната фаза од операцијата за борба против тероризмот е помината“.
Тој изјави дека со враќањето на стабилноста во земјата, главната мисија на мировните трупи на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ЦСТО) била успешно завршена.
„Постепеното повлекување на колективните мировни трупи на ЦСТО ќе започне во следните два дена“, рече тој, додавајќи дека целосното повлекување може да потрае до 10 дена.
Минатата недела Токаев прогласи вонредна состојба по протестите против зголемување на цените на течниот нафтен гас (ТНГ).
Подоцна побара помош од ЦСТО, која испрати војници да ги смират немирите.
По оставката на владата, Алихан Смаилов беше избран за нов премиер на Казахстан откако за него гласаа 89 пратеници, обајви „Казинформ“.
На претходната парламентарна средба, Токаев го предложи Смаилов за кандидат за премиер.
Смаилов беше помошник на казахстанскиот претседател од 2015 до 2018 година, а работеше како министер за финансии од 2018 до 2019 година.
Во 2021 година, Смаилов беше повторно назначен за прв заменик-премиер, служејќи и како министер за финансии на Казахстан.