Serdar Dincel
26 Февруари 2025•Ажурирај: 28 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави видео генерирано од вештачка интелигенција во кое е прикажана неговата визија за иднината на Појасот Газа, известува Анадолу.
Видеото во времетраење од 33 секунди, што Трамп го сподели на својата социјална мрежа „Трут сошал“, започнува со сцена од Газа во урнатини, на која се гледаат зборовите „Газа 2025“ напишани со зелено, а потоа со црвена, бела и сина боја е напишано „Што е следно?“.
Видеото прикажува високи облакодери и деца кои гледаат нагоре додека од небото паѓаат банкноти од долари.
Технолошкиот милијардер Илон Маск е прикажан како ужива на плажа на новоизградена туристичка дестинација, а момче држи златен балон со ликот на Трамп.
Во видеото се гледа и Трамп како танцува во ноќен клуб, додека на влезот на облакодер е поставена табла „Трамп Газа“. Прикажана е и масивна златна статуа на Трамп.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во видеото се излежува на лежалка покрај Трамп. Двајцата пијат пијалаци во близина на базен, а во заднина се гледа „Трамп Газа“.
Во заднина може да се чуе песна која го фали Трамп.
„Доналд доаѓа да ве ослободи, ќе донесе светлина за сите да видат. Нема повеќе тунели, нема повеќе страв. 'Трамп Газа' конечно е тука. 'Трамп Газа' свети. Златна иднина, сосема ново светло, гозба и танц. Договорот е завршен. 'Трамп Газа' број еден“, се вели во песната.
Американскиот претседател постојано го изнесува контроверзниот план САД да ја преземат Газа, уништена од немилосрдното израелско бомбардирање, а потоа да го преместат населението за да може енклавата повторно да се развие во „Ривиера на Блискиот Исток“.
Идејата силно ја отфрлија арапскиот свет и другите нации, кои велат дека тоа се сведува на етничко чистење.