Yosra Ouanes,Ali Semerci
19 Јуни 2021•Ажурирај: 21 Јуни 2021
ТУНИС
Десетици луѓе се собраа на повикот на невладините организации во Тунис за да протестираат поради полициската интервенција врз демонстрантите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Десетици луѓе присуствуваа на демонстрациите одржани во главниот град на Тунис, на повик на Синдикатот на новинари на Тунис, Националната организација за одбрана на човековите права, Општиот синдикат на студентите на Тунис, Демократското здружение на жени и други невладини организации.
Демонстрантите маршираа до барикадите кои безбедносните сили ги поставија во близина на зградата на Министерството за внатрешни работи. Извикуваа пароли како „Слобода, слобода“, „Полициската држава е минато“, „Не ме удирајте“ и „Улицата им припаѓа на луѓето“... Ја осудија полициската интервенција во текот на демонстрациите против лошите животни услови на подрачјето Сиди Хусеин, од минатата седмица.
Претседателот на тунискиот Синдикат на новинари, Мухамед Јасин ал Јаласи, рече дека притисокот врз граѓаните на Тунис е зголемен и дека се убиени две лица. Наведе дека фактот дека полицајците кои извршиле злосторства не се сослушани и процесуирани ја влошил состојбата.
Хама ал Хемами, генералната секретарка на Туниската работничка партија, рече дека присуствувала на демонстрациите за да го осуди ограничувањето на слободата.
Безбедносните сили на 8 јуни приведоа момче од Тунис, кое подоцна беше најдено рането и префрлено во болница, а потоа почина.
Напнатост предизвикаа и фотографиите на социјалните мрежи на кои се гледа дека полицијата го претепала момчето.