Bahtiyar Abdülkerimov
14 Април 2022•Ажурирај: 14 Април 2022
КИЕВ (АА) - Украинската војска го погоди крстосувачот „Москва“ на руската морнарица со два проектила, предизвикувајќи сериозна штета на воениот брод, изјави официјален претставник синоќа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Максим Марченко, шеф на Регионалната воена управа на Одеса, на Телеграм рече дека „Москва“, предводник на руската Црноморска флота, е погоден со две противбродски ракети „Нептун“.
„Ракетите „Нептун“ кои го чуваат Црното Море, му нанесоа многу сериозна штета на рускиот брод. Слава на Украина!“, рече тој во својата објава.
Тој, исто така, тврдеше дека на бродот имало околу 510 члена на екипажот.
Засега нема потврда за нападот од страна на руската војска.
Најмалку 1.932 цивили се убиени и 2.589 повредени во Украина откако Русија ја започна војната против својот сосед на 24 февруари, според проценките на ОН, а се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
„Повеќе од 4,6 милиони Украинци побегнаа во други земји, а над 7 милиони се внатрешно раселени“, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.