Muhammet İkbal Arslan,Enes Canlı
03 Декември 2023•Ажурирај: 04 Декември 2023
ЖЕНЕВА / ГАЗА (АА) - Портпаролот на Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ), Џејмс Елдер, изјави дека војната во Газа се води против децата, известува Анадолу.
Елдер, кој се наоѓа во Појасот Газа каде Израел изведува интензивни напади, ги сподели своите искуства од теренот на социјалната мрежа Х.
На снимката од болницата што ја објави по завршувањето на хуманитарната пауза и повторниот почеток на израелските напади, Елдер вели дека израелска војска го бомбардирала подрачјето кое е оддалечено само 50 метри од најголемата болница во Газа која во моментот е во функција.
Тој предупреди дека оваа болница повеќе не може да ги прима ниту ранетите деца.
„Не можам да ви објаснам колку се намалени капацитетите на болницата во последните 7 недели. Нечувствителноста на некои властодршци доведува до убивање на деца. Ова е војна против децата“, рече Елдер.
Тој посочи дека децата се најголемите жртви на војната во Газа.
„Прекинот на огнот е завршен. Бомбардирањата продолжуваат. Дали човештвото ги напушти децата во Газа? Дали се откажаа од овие деца?“, запраша Елдер.
Израелската војска на 1-ви декември (петок) продолжи со интензивни напади низ Појасот Газа по завршувањето на хуманитарната пауза. Според податоците на Министерството за здравство на Газа, истиот ден се убиени 193 Палестинци, а 652 се ранети.
По неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7. октомври, Израел возврати со немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници.
Оттогаш се убиени повеќе од 15.000 Палестинци, од кои 6.150 деца и над 4.000 жени, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибаловиот протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (IDF) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.