Bayram Altuğ
04 Март 2022•Ажурирај: 06 Март 2022
ЖЕНЕВА
Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) соопшти дека 500.000 деца морале да ги напуштат своите домови во првите седум дена од руско-украинската војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Џејмс Елдер, портпаролот на УНИЦЕФ, на прес-конференцијата одржана во Канцеларијата на ОН во Женева, рече: „Зголемените судири значат дека 500.000 деца се принудени да ги напуштат своите домови за само седум дена.“
Елдер, истакнувајќи дека раселувањето на децата со вакви размери и со ваква брзина е настан без преседан, нагласи дека доколку нападите не престанат, повеќе украински деца ќе мора да ја напуштат својата земја.
„Се плашиме дека животите ќе ги изгубат уште многу деца“, рече Елдер, додавајќи дека војната продолжува и дека илјадници деца вчера поминаа страшна ноќ во засолништата.
Јенс Ларке, портпаролот на Канцеларијата за координација на хуманитарните работи при ОН, истакна дека се задоволни што страните се согласиле да создадат хуманитарен коридор за евакуација на цивилите.
Во соопштението на Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) се додава дека околу 1.209.976 бегалци преминале од Украина во соседните земји поради војната.