Alaattin Doğru
23 Декември 2021•Ажурирај: 24 Декември 2021
ПАРИЗ (АА) - Министерот за надворешна трговија и економија на Франција, Франк Ристер, по вторпат е заразен со коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој на Твитер соопшти дека имал покачена телесна температура и дека добил позитивен резултат од тестот за коронавирусот.
„Во моментот сум во карантин и службените повици ги извршувам оддома. Ги повикувам граѓаните да ги почитуваат епидемиолошките мерки и да се вакцинираат против коронавирусот“, порача Ристер.
Ристер го прележа коронавирусот и во март минатата година, кога беше на функцијата министер за култура на Франција.
Министерството за здравство на Франција соопшти дека вчера во таа земја се регистрирани рекордни 84.272 случаи на коронавирусот. Тоа е најголемиот број на новозаразени во еден ден во земјата од почетокот на пандемијата на Ковид-19.
Во Франција од почетокот на пандемијата регистрирани се 8,79 милиони случаи на коронавирусот.
Министерот за здравство, Оливер Веран, рече дека поради ширењето на омикрон-варијантата во наредните денови се очекува дневните бројки на новозаразени да го надминат бројот од 100.000.