Hatice Kesgin
08 Декември 2016•Ажурирај: 09 Декември 2016
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Франсоа Оланд вчера изјави дека руската „систематска блокада“ во Советот за безбедност на ОН, уште од почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година, ги поддржува деструктивните активности на режимот на Асад против цивилното население, јавува Anadolu Agency (AA).
Во официјалното соопштение на францускиот претседател Оланд се истакнува дека ветото на Русија во врска со Сирија во Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) е на штета на цивилите.
„Руската систематска блокада го зајакнува режимот на Башар ал Асад во неговите деструктивни активности што му наштетуваат на цивилното население“, изјави Оланд во соопштението по неделниот состанок на Советот за одбрана и национална безбедност.
Оланд ги упати овие критики само два дена по неуспехот на нацрт-резолуцијата со којашто се предвидуваше седумдневен прекин на огнот во сирискиот град Алепо.
Русија стави вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, којашто беше отфрлена во понеделникот, на состанокот во Њујорк. Со ова вето, Русија шестпати од 2011 година стави вето на нацрт-резолуцијата за Сирија, а Кина вкупно петпати.
Планот да се одржи седумдневен прекин на огнот не успеа откако две од петте постојани членки на Советот, како и непостојната членка Венецуела, гласаа да се отфрли нацрт-резолуцијата. Другите постојани членки се Фрација, САД и Велика Британија.
Нацрт-резолуцијата беше предложена од страна на Шпанија, Египет и Нов Зеланд.
За резолуцијата да биде прифатена, потребно е двотретинско мнозинство, односно 9 од 15 земји, со услов ниту една од петте постојани членки (САД, Русија, Кина, Франција и Велика Британија) да не стави вето.
Алепо, втор по големина сириски град пред војната, е претворен во руина, со стотици илјади цивилни жители заробени во вкрстениот оган меѓу неселективните руски и сириски воздушни напади и тероризмот на ДЕАШ.