Ayşe Doğru
29 Септември 2019•Ажурирај: 30 Септември 2019
ХОНГКОНГ
Продемократските протести во Хонгконг и денеска прераснаа во нереди, а силни полициски сили излегоа на терен и употребија солзавци, јавува Anadolu Agency (AA).
Продемократските протести во Хонгконг траат веќе четврти месец, а во неколку наврати доаѓаше до нереди на улиците во таа автономна кинеска регија.
Во екот на подготовките за одбележување на 1 октомври како национален празник на Кина, илјадници демонстранти и денеска излегоа на улиците од градот.
Демонстрантите фрлија молотови коктели врз зградите на јавните институции, а полицијата ти растера употребувајќи солзавец.
Облечени главно во црно и носејќи шарени чадори, демонстрантите и денеска мавтаа со американски и британски знамиња.
Група демонстранти ја демолираа метро-станицата Козвеј Беј, а друга група ги запалила барикадите што самата ги поставила на улиците. Дел од демонстрантите запалија знаме на Комунистичката партија на Кина.
Полицијата користеше и водени топови за да ги растера демонстрантите, но притоа користеше обоена вода за да може потоа полесно да ги идентификува прекршителите.
Од друга страна, во центарот на Хонгконг утрово се одржани и протести за поддршка на актуелната власт на Хонгконг и на Кина. Демонстрантите биле облечени во црвено и ја пееле кинеската химна.
Власта на Хонгконг го повлече спорниот Предлог-закон за екстрадиција кој беше повод за протестите, но демонстрантите се проширија и на други барања, вклучувајќи и одржување на нови избори.