Ahmet Gürhan Kartal
14 Декември 2022•Ажурирај: 15 Декември 2022
ЛОНДОН (АА) - Четири лица загинаа кога брод со мигранти се преврте во близина на брегот на Кент, Велика Британија, потврдија денеска британските власти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во заедничката спасувачка акција на британските и француските власти од водите на Ла Манш спасени се 43 лица.
Нарекувајќи го превртувањето „трагичен инцидент“, британските власти соопштија дека бројот на загинати се искачил на четири.
Британската секретарка за внатрешни работи, Суела Брејвермен, изјави дека во мислите е со погодените.
Говорејќи во Долниот дом на Парламентот, Брејвермен рече дека е спроведена операција за спасување и дека ќе биде дадено комплетно соопштение по завршувањето на истрагата.
„Трагично, има четири жртви. Би било несоодветно од моја страна во овој момент да навлегувам понатаму во детали“, рече таа.
Брејвермен истакна дека разговарала со надлежните вклучени во спасувачката операција, како и со нејзиниот француски колега Жералд Дарманин.
Во врска со новиот пристап на Владата кон илегалните преминувања во земјата, претставен од премиерот Риши Сунак вчера, Брејвермен повтори дека на илегалните преминувања мора да им се стави крај.
„Витално, буквално витално е да ги прекинеме илегалните премини преку каналот [Ла Манш]“, рече таа.
Хеликоптери на британската крајбрежна стража и француската морнарица беа дел од операцијата.
Според јавувањето на медиумите, на бродот имало над 40 луѓе.
Според официјалните податоци, во 2022 година британскиот канал во мали чамци го поминале над 40.000 луѓе.
Во 2021 година, 27 мигранти го загубија животот во обидот од францускиот брег да стигнат до Велика Британија, што претставува најголемата несреќа во водите на Ла Манш досега.