Atila Altuntaş
06 Февруари 2018•Ажурирај: 06 Февруари 2018
СТОКХОЛМ (AA) - Во две згради во северниот дел на Стокхолм, каде што требаше да бидат сместени бегалци, во раните утрински часови избувна пожар, јавува Anadolu Agency (AA).
Зградите беа подготвени за сместување на бегалци кои моментално се наоѓаат во други подрачја во овој шведски град.
Шефот на противпожарната единица во Акерсберг, Хампус Норденблад, потврди дека пожарот избувнал во три часот по полноќ, а бил локализиран во шест часот.
Според него, пожарот е локализиран со брзата интервенција на противпожарните единици на терен. Зградите се спасени од целосно уништување, но причинета е материјална штета.
Норденблад потсети дека зградите биле подготвени за бегалците кои наскоро требало да се вселат.
Во тек е истрагата за овој настан, а наводно постојат докази дека пожарот е подметнат.