свет

Шпанија: Бројот на загинати во поплавите порасна на 205, илјадници без струја, вода и храна

„Армијата користи беспилотни летала во областите до кои не можеме да стигнеме. Големината на штетата е невидена. Сè уште има купишта автомобили, со луѓе, со семејства кои би можеле да бидат внатре.“

Alyssa Mcmurtry  | 01.11.2024 - Обновена : 01.11.2024
Шпанија: Бројот на загинати во поплавите порасна на 205, илјадници без струја, вода и храна Фото: Противпожарна служба во Валенсија

ОВИЕДО (АА) - Очајот продолжува да расте и денес во делови на Валенсија, кои се изолирани поради разорните поплави што во вторникот ја погодија областа, при што загинаа најмалку 205 луѓе, јавува Анадолу.

Шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес рече дека некои области останале недостапни три дена по невремето.

Илјадници луѓе сè уште се без струја, вода и храна. Многу други се заробени во домовите, со автомобили или наноси натрупани пред нивните врати.

Роблес најави дека денес се распоредени дополнителни 500 воени припадници, а утре ќе има повеќе.

„Ќе ја распоредиме целата војска од 120.000 војници доколку е потребно. Не се работи само за бројот на луѓе. Ова не е лесно. Има уште многу да се направи - од надежта за спасување на повеќе луѓе живи, враќање на телата, отворање патишта, снабдување изолирани градови и пружање психолошка поддршка, која е очајно потребна поради толку големата болка“, рече таа во интервју за РТВЕ.

Непознат број луѓе и понатаму се водат како исчезнати.

Градоначалникот на Седави, Хозе Франциско Кабанес, повика на итна помош во изолираниот град со 10.000 жители, предупредувајќи дека доколку не се отстранат телата, наскоро може да се појават болести.

„Армијата користи беспилотни летала во областите до кои не можеме да стигнеме. Големината на штетата е невидена. Сè уште има купишта автомобили, со луѓе, со семејства кои би можеле да бидат внатре. Трагедијата е страшна, правиме сè што можеме“, додаде Роблес.

Во она што ќе остане запишано во историјата како една од најсмртоносните природни катастрофи во Шпанија, интензивните бури за само неколку часа исфрлија онолку дожд колку што обично паѓа за околу една година, предизвикувајќи излевање на реките и поплави.

Жителите се фатени неподготвени. Многумина сè уште возеле или ги напуштале своите домови за да ги преместат своите автомобили на повисоки места, несвесни за обемот на поплавата, кога биле погодени од поплавата.

До моментот кога Владата на Валенсија испрати предупредување преку телефоните, голем дел од штетата веќе беше направена. Линиите за итни случаи беа преполни со повици, а спасувачките мисии станаа речиси невозможни во вторникот вечерта поради временските услови и огромниот обем на потреба.

Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека Шпанија ќе ги искористи сите можни мерки за да им помогне на настраданите и да ја врати нормалноста во регионот.

Европската Унија, исто така, вети поддршка за огромните напори потребни за обнова на уништената област.

„Околу 80 километри автопати и патишта се уништени“, изјави шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте денес. Тој додаде дека ќе бидат потребни најмалку 10 дена за повторно отворање на главниот автопат што ја поврзува Валенсија со Мадрид.

Брзата линија што ги поврзува Мадрид и Валенсија ќе биде надвор од употреба околу 15 дена. Пуенте истакна дека само овој викенд биле продадени околу 100.000 билети за таа линија. Локалната железничка мрежа е во многу полоша состојба и ќе бидат потребни месеци за да се санира.

„Ситуацијата е исклучително сериозна. Многу области се недостапни за секаков вид возила“, рече тој, додавајќи дека главен приоритет останува фокусирањето на исчезнатите и решавањето на човечката трагедија.

Невремето поради кое се случи трагедијата сè уште е активно во Шпанија и од вторникот предизвика помали поплави во големи области на земјата.

Шпанската метеоролошка агенција АЕМЕТ во петокот објави црвен аларм за подрачјето на Хуелва во Андалузија поради интензивните врнежи од дожд. Голем дел од шпанското медитеранско крајбрежје е исто така под портокалово или жолто предупредување за силен дожд.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.