Amir Latif Arain
09 Февруари 2025•Ажурирај: 11 Февруари 2025
КАРАЧИ (АА) - Северна Кореја минатата година испратила илјадници работници на работа во Русија што е јасно кршење на резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), соопшти денес јужнокорејската разузнавачка агенција, пренесува Анадолу.
Се верува дека Пјонгјанг ги испратил работниците на различни градилишта поради пријавениот недостиг на работна сила во Русија поради војната на Москва во Украина, тврди јужнокорејската Национална разузнавачка служба (НИС) во извештајот, објави сеулската новинска агенција „Јонхап“.
Според резолуциите на СБОН како одговор на севернокорејските тестирања на оружје, на земјата ѝ е забрането да испраќа државјани на работа во странство.
Москва и Пјонгјанг се сомничат дека користеле студентски визи за испраќање севернокорејски работници, соопшти јужнокорејската разузнавачка служба.
Информациите се објавени во период на континуирана поддршка на Северна Кореја за Русија во нејзината војна против Украина.
Според јужнокорејските власти, се верува дека Северна Кореја испратила 11.000 војници на западниот руски фронт во регионот Курск за да се борат против украинските сили.
Пјонгјанг ги демантираше наводите нарекувајќи ги „неосновани“.