Mehmet Alaca
06 Јануари 2022•Ажурирај: 07 Јануари 2022
СЕУЛ
Кандидатот за претседател на Јужна Кореја, Ли Џе-Мјунг, во предизборната кампања даде ветување дека во програмата за здравствено осигурување ќе го стави третманот на опаѓање и пресадување на коса, со што, според проценките на реакциите на социјалните мрежи, се здобил со доверба на милиони луѓе кои имаат проблем со ќелавоста, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ќе понудам одлична политика за третман на опаѓање на косата“, рече Ли на социјалните мрежи, откако за тоа зборуваше и на државните медиуми.
Претседателските избори во Јужна Кореја се закажани за 9 март, а во трката учествуваат кандидатот на владејачката Демократска партија, Ли и кандидатот на опозициската Партија на моќта на народот, Јун Сеок-Јул.
Во претходните неколку изборни циклуси најважни предизборни теми беа односите со Северна Кореја и САД и економските проблеми, а темата за која најмногу се коментира во пресрет на изборите во март е проблемот со ќелавоста во Јужна Кореја.
Додека критичарите го обвинуваат дека се обидува да дојде до гласови со популистички методи, Ли сѐ повеќе ја добива поддршката од луѓето со проблеми со опаѓање на косата.
Според најновите истражувања, секој петти жител на Јужна Кореја има проблем со опаѓање на косата.