Islam Doğru
14 Март 2021•Ажурирај: 15 Март 2021
ЊУЈОРК
На големиот екран во еден од најфреквентните квартови во Њујорк објавена е порака за валканото лице на терористичката организација ФЕТО и на нејзиниот водач Фетула Ѓулен, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Живее во Пенсилванија. Уби 251 невино лице. Запрете го Ѓулен“, наведено е во пораката што половина час беше испишана на големиот екран на познатиот њујоршки плоштад Тајмс Сквер.
Пораката беше испишана на екранот од 17:30 до 18:00 часот по локално време и на Американците им укажа на вистинското лице на терористичката организација ФЕТО.
Кон почетокот на март членовите на терористичката организација ФЕТО објавија реклама на едно пано во Њујорк и со пораката насочена против Турција предизвикаа остри реакции на турската заедница што живее во Соединетите Американски Држави.
Од Здружението на турската заедница во САД ја контактираа рекламната компанија „Аутфронт медија“ (Outfront Media) и упатија порака со критика поради спорната терористичка пропаганда. Рекламата така беше отстранета.
Во самиот центар на Њујорк на 6 март беше ангажиран камионет со реклама на која беа испишани пораки со кои се укажува на заканата што терористите на ФЕТО ја претставуваат во светот.
Камионетот три дена возеше по најфреквентните улици на Њујорк и ја испрати пораката „Радикалот, непријателот на Евреите и екстремистот Ѓулен живее во Пенсилванија. Запрете го Ѓулен.“
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.