Admir Fazlagic
04 Октомври 2020•Ажурирај: 05 Октомври 2020
СКОПЈЕ
По специјален протокол за заштита од Ковид-19, се одржа шеснаесетто издание на „Виз ер Скопски маратон 2020" под мотото „Трчањето ќе те промени“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Поради пандемијата на коронавирусот (Ковид-19) на маратонот оваа година трчаа ограничен број на учесници, 1.500, во три дисциплини, маратон, полумаратон и штафетен маратон.
Стартот и целта на учесниците беше пред спортскиот центар „Борис Трајковски", а патеката по која што трчаа остана иста како и минатите години.
„Ппобедник на државното првенство во маратон на Македонија во организација на Атлетска федерација на Македонија е Дарио Ивановски со време од 02:31:16, на второ место е Александар Кираџиев со време од 02:40:57, а на трето место заврши Марјан Бонев со истрчан маратон за време од 02:42:41.
Во женска конкуренција, победник на државното првенство во маратон е Адријана Поп Арсова 02:58:14, на второ место за време од 03:13:21 заврши Билјана Кираџиева, а на трето место е Весна Кираџиева со време од 03:27:41", соопштија организаторите.
Во државното првенство во полумаратон победник е Атанас Анчевски со време од 01:14:09, на второ место е Милош Ранчиќ со полумаратон истрчан за време од 01:14:19, а на трето место со време од 01:17:20 заврши Димитар Петровски.
Најдобра во женска категорија на државното првенство во полумаратон е Милјана Ристиќ со 01:26:31, второто место го освои Сања Најдовски со 01:38:33 и на третото место заврши Маја Рајчина со време од 01:38:52.
„Виз ер Скопски маратон 2020" се одржа во организација на Сојузот на спортови на Скопје, а во соработка со Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија,, Атлетската федерација, Атлетскиот клуб „Работнички" и други помагатели и под покровителство на Град Скопје, Канцеларијата на Европската Унија во Скопје и Агенцијата за Млади и Спорт.
Скопскиот маратон, првично беше закажан за 10 мај годинава, но поради состојбата со Ковид-19, беше одложен за 4 октомври.