Dejan Maksimovic
09 Јули 2020•Ажурирај: 12 Јули 2020
БАРСЕЛОНА
Уругвајскиот интернационалец во редовите на Барселона, Луис Суарес, се искачи на третото место на најдобрите стрелци на Барселона на сите времиња, откако синоќа го постигна победоносниот погодок на натпреварот против Еспањол, на кој Барселона победи со 1:0, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Суарес го постигна својот 195. погодок за Барселона против градскиот ривал и го претекна Ласло Кубала, легендата на клубот“, објавија шпанските медиуми.
Суарес во каталонскиот гигант пристигна од Ливерпул во 2014 година. Триесет и тригодишниот Уругваец уште од своето доаѓање во Барселона игра одлично и константно ги тресе противничките мрежи.
Откако во дебитантската сезона во Шпанија постигна 25 погодоци во сите натпреварувања, Суарес во сезоната 2015/2016 постигна неверојатни 59 погодоци на 53 натпревари. Во секоја од последните четири сезони во Ла лига тој постигна повеќе од 20 погодоци, а синоќа дојде до својот 14. погодок оваа сезона.
Суарес во јануари имаше операција на коленото и се мислеше дека ќе го пропушти истатокот од сезоната, но поради прекинот до кој дојде поради пандемијата на коронавирусот, сезоната е продолжена, па тој успеа да закрепне и да се врати на терен.
Прв на листата на стрелци во Барселона е Лионел Меси со 630 погодоци на сите натпреварувања, а по него следува Сесар Родригес со 232.