Yunus Kaymaz
10 Декември 2021•Ажурирај: 13 Декември 2021
ИСТАНБУЛ
Викендов се одржува Трката за Големата награда на Обединетите Арапски Емирати која воедно е 22. и последна трка сезонава во Светскиот шампионат во Формула 1, известува Агенција Анадолија (АА).
Трката ќе се вози на патеката „Јас Марина“ во главниот град Абу Даби, со должина од 5.554 метри. Борбата за полпозициите на трката е закажанa за в сабота, 11 декември, со почеток во 14:00 часот.
Стартот на трката е в недела, 12 декември, со почеток во 14:00, а возачите во Формула 1 ќе се натпреваруваат кој најбргу ќе ги извози 58-те круга.
Трката во Абу Даби ќе го одреди шампионот и меѓу возачите и меѓу конструкторите, кои се во жестока борба за шампионската титула.
Последната трка во Формула 1, Холанѓанецот Макс Верстапен и Британецот Луис Хамилтон ја започнуваат со ист број бодови, 369,5. Дваесет и четиригодишниот Верстапен, возач на Ред Бул, ќе се обиде да дојде до својата прва шампионска титула во Формула 1, додека Хамилтон посакува со победа на оваа трка и освојување на Шампионатот, да го собори рекордот во Формула 1 со вкупно освоени 8 шампионски титули.
На табелата меѓу конструкторите, на прво место се наоѓа Мерцедес со 28 бода пред Ред Бул.
- Хамилтон е возач со најголем број победи во Абу Даби
Во Абу Даби, кој по 13. пат ќе биде домаќин на Формула 1, Луис Хамилтон се издвојува според бројката на триумфи.
Триесет и шестгодишниот Хамилтон успеа да се искачи на подиумот како победник на патеката „Јас Марина“ на пет трки, во 2011, 2014, 2016, 2018 и 2019 година.
Во Абу Даби, Себастијан Фетел извојува победа трипати, додека Кими Раиконен, Нико Розберг, Валтери Ботас и Макс Верстапен успеаја по еднаш први да минат низ целната рамина.
- По четврти пат шампионот во Ф1 ќе биде познат по трката во Абу Даби
Шампионот по четврти пат во историјата на Формула 1 по 2010, 2014 и 2016 година ќе биде одреден на трката чиј домаќин се Обединетите Арапски Емирати.
На трката во 2010 година во која Себастијан Фетел, Марк Вебер, Фернандо Алонсо и Луис Хамилтон се бореа за шампионска титула, Германецот Фетел извојува победа и ја освои својата прва Ф1-шампионска титула во кариерата.
Во шампионатите во 2014 и 2016 година, во кои борбата за шампионската титула се водеше меѓу возачите на Мерцедес, Луис Хамилтон и Нико Розберг, победникот го одредуваше трката во Абу Даби.
За првпат во историјата во Формула 1, на трката во Абу Даби во 2014 година, удвоени беа бодовите на возачите кои се рангираа во трката. Хамилтон со победата на трката ја освои и шампионската титула во Формула 1.
Хамилтон победи и на трката одржана во 2016 година, но Розберг ја освои првата и единствена шампионска титула во кариерата со 5 поени предност.
Бодовна состојба
Пред последната трка сезонава, ранг-листата на првите 5 возачи и конструктори изгледа вака:
Возачи
- Макс Верстапен (Холандија): 369,5 поени
- Луис Хамилтон (Велика Британија): 369,5 поени
- Валтери Ботас (Финска): 218 поени
- Серхио Перез (Мексико): 190 поени
- Шарл Леклер (Монако): 158 поени
Конструктори
- Mерцедес 587,5
- Ред Бул: 559,5
- Ферари: 307,5
- Мекларен: 269
- Алпин: 149