İsmail Çimen
16 Ноември 2017•Ажурирај: 16 Ноември 2017
АНКАРА (АА) – Вршителот на должност претседател на Комисијата за човекови права во турскиот Парламент, Фатма Бенли, изјави дека предавниците на земјата и припадниците на терористичката организација ФЕТО денес мислат дека се слободни во странство, но дека на крајот ќе се соочат со горката вистина за животот без татковина, јавува Anadolu Agency (AA).
Парламентарната пратеничка од редот на владејачката Партија за правда и развој (АК Партија), Бенли, ги следи судските процеси што во Истанбул и Анкара се водат против осомничените за поврзаност со терористичката организација ФЕТО и за обидот за воен удар што таа организација минатата година го изврши во Турција.
Бенли потсети дека предавниците и пучустите прикриени во воени униформи тој 15 јули ги зедоа тенковите и авионите што народот им ги даде за да ја бранат татковината и ги вперија во сопствениот народ, а сето тоа во рамките на планот за окупација на Република Турција.
Обидот за пуч беше задушен откако народот на Турција излезе на улиците и со голи раце застана во одбрана на демократијата, а голем број пучисти тогаш побегнаа во странство.
Бенли изјави дека земјите кои им дале предвремен азил на пучистите и предавниците на властите на татковината на крајот сигурно ќе им ја покажат излезната врата.
„Предавниците на ФЕТО кои денес мислат дека се слободни во странство, на крајот ќе се соочат со горката вистина на животот без татковина. Во екот на откривањето на постојаните помагачи на ФЕТО, пучистите и понатаму ја негираат вистината. Пример е поранешниот офицер кој со тенк прегази десет автомобили во Истанбул и пред судот тврди дека не бил свесен дека го прави тоа и оти мислел дека оди по рамен пат. Пример е и поранешниот офицер кој учествуваше во окупација на ТРТ и ја присили спикерката да го прочита на глас прогласот за пучот, а кој на судот тврди дека не знаел дека учествува во пуч“, изјави Бенли.
Таа изјави дека пучистите убиле 250 невини луѓе и оти и понатаму истрајуваат во блиска поврзаност со водачите на ФЕТО.
„Нашиот народ ги следи судските процеси и ја знае вистината. Би требало и земјите кои против Турција користат и им даваат засолниште на тие предавници на сопствениот народ, да знаат дека ќе дојде денот кога и нив ќе ги предадат“, порача Бенли.
Укажувајќи на фактот дека тероризмот е глобален проблем, Бенли изјави дека земјите имаат избор заеднички да се спротистават на тој проблем или ќе губат време на поединечни борби и ќе бројат загуби.
„Со борбата против ПКК, ФЕТО и ДЕАШ, Турција всушност се бори за заштита на целиот свет од тие терористи. Сите кои ни помагаат во тоа, воедно вложуваат во својата безбедност. Земјите кои пак им помагаат на терористите и ги згрижуваат, мора да разберат дека порано или подоцна ќе станат жртви на тероризмот“, порача Бенли.