Serdar Açıl,Barış Kılıç
17 Јули 2019•Ажурирај: 17 Јули 2019
АНКАРА (АА) - Самил Ѓулен и Тавус бин Кејсан Ѓулен, внуците на водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, се осудени на по 12 години затвор поради членство во терористичката организација, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешното рочиште пред 29. Казнен суд во Анкара обвинетите присуствуваа преку видео-конференција, а во судницата беа присутни нивните адвокати.
Обвинетиот Самил Ѓулен, кој според обвинението се товари за тоа дека бил надреден во воените структури на ФЕТО и дека во тоа својство доаѓал во Анкара, ги отфрли обвиненијата на негова сметка и ги изнесе тврдењата дека во Анкара доаѓал да го посети неговиот татко, кој бил во болница.
Ѓулен, исто така, негираше дека го користел „БајЛок“, системот за шифрирана комуникација меѓу припадниците на терористичката организација ФЕТО. Исто така негираше секаква поврзаност со споменатата организација.
Тавус бин Кејсан Ѓулен, исто така внук на Фетула Ѓулен, ги отфрли обвиненијата дека преку телефон, кој бил пријавен на негово име, се јавувал на одредени челни имиња во организацијата. Ѓулен изјави дека споменатиот телефон го користел неговиот татко.
Тој, исто така, изјави дека во период од 2000 до 2008 година работел во образовните установи поврзани со ФЕТО, поради притисокот кој врз него го вршел неговиот татко, а со цел добивање работа на која би бил осигурен. На прашањето зошто патувал во САД, Ѓулен изјави дека тоа биле работни посети.
Адвокатите на двајцата обвинети наведоа дека нивните клиенти биле обвинети поради роднинските врски со лидерот на ФЕТО, Фетула Ѓулен, и во согласност со тоа побараа нивно ослободување.
Претседателот на Судот, Шукру Чаглар ги прогласи обвинетите Самил Ѓулен и Тавус бин Кејсан Ѓулен виновни за кривичното дело „членство во вооружена терористичка органзација“, и поради тоа ги осуди на по 12 години затвор.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година. Станува збор за терористичката организација која ја предводи Фетула Ѓулен кој живее во САД, а чие испорачување Турција официјално побара од САД.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја држава во која е активна, а на тоа во повеќе наврати укажаа турски официјални функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети се околу 2.200 лица.