Burak Akay
22 Декември 2018•Ажурирај: 23 Декември 2018
ЧАНАККАЛЕ (АА) - Бурак Акај -
Музејот на олдтајмер тракори во Чанаккале, Турција, е единствен во таа земја, а претприемачот Дурсун Кескин на неговото основање се одлучил по посетата на сличен музеј во Германија.
Во разговор за Anadolu Agency (AA) Кескин раскажа дека во 2006 година отпатувал во Франкфурт, Германија, за да присуствува на саем и заедно со делегацијата го посетил тамошниот музеј на трактори. Кога дознал дека нешто слично нема во Турција, сторил сè што можел да се промени тоа.

Прво набавил стар трактор на кој требало да се направат одредени измени и со тоа ги поставил темелите на Музејот, кој подоцна ќе се простира на површина од 1.500 метри квадратни.
Во Музејот денес се изложени 70 трактори користени меѓу 1884 и 1963 година. Меѓу тракторите од различни произведувачи се наоѓаат и такви што за погонско гориво користеле бензин, дизел, па дури и пареа.
Кескин појасни дека е среќен што е иницијатор на една ваква идеја.
Истакнува дека посетата на Германија значајно влијаела на него и дека целиот процес се одвивал многу брзо.
„Така во подрачјето Гелиболу го основавме првиот музеј на олдтајмер трактори во Турција. Многу сум среќен. Моментално во Музејот имаме околу 70 трактори кои имаат капацитети и можат да работат на нива. Освен тоа, посетителите имаа прилика да погледнат и неколку помали земјоделски машини. Тука се изложени трактори кои работат на бензин, дизелско гориво и пареа, а станува збор за модели меѓу 1884 и 1963 година. Меѓу нив се и оние марки кои денес повеќе ги нема“, појасни Кескин.
Тој додаде дека секој трактор е различен, што влијаело и на процесот на реставрација.
„Карактеристиките на деловите на тракторот се многу важни и можат да се одразат на нас. Набавката, производството, поправката или купувањето на делот што недостига на тракторот кој имаме намера да го изложиме, прават цел еден процес. Секако, за тоа е потребно време. Одредени трактори подготвуваме за три месеци, а за некои од нив треба и до три години. Поради тоа немаме фиксно време за целиот процес“, изјави Кескин.
„Целта на Музејот“, истакнува, „е да изложиме 75 трактори, што е во согласност со величината на изложбениот простор“.

„Моменталниот простор е приспособен за 75 трактори. Потоа ќе ставиме точка на овој процес и ќе се фокусираме на промоција и развој на Музејот“, изјави Кескин.
Тракторите ги набавуваат од Турција, но и од странство. Токму моделот од 1884 година што работи на пареа е произведен во сојузната американска држава Мичиген, а долги години работел на полињата во Белгија. Изложен е и трактор од германски произведувач од 1927 година.
„Овие два ги набавивме во странство. Останатите трактори се користени во Турција. Секако, ако најдеме уште интересни модели, ќе ги набавиме“, појасни Кескин.
Околу 60 отсто од експонатите во Музејот, кој неделно го посетуваат околу 300 луѓе, се трактори кои повеќе не се произведуваат.
„На посетителите им зборуваме за постоечките марки, но и оние што повеќе ги нема. Навистина се изненадуваат. Тоа нè прави среќни, бидејќи тука не доаѓаат само луѓе кои се тесно поврзани со земјоделство и обработка на земјиште“, изјави Кескин.
Според неговите зборови, интерес покажуваат и архитектите и студентите на уметност.
„Всушност Музејот е наменет за сите. Додека поминувате низ него, го чувствувате минатото и сте сведок за деловите на историјата. Ова е многу важно. Сите оние кои сакаат машини и трактори, па и природа, треба да го посетат овој музеј“, рече Кескин.
Тој додаде дека во Музејот доаѓаат и оние што изразуваат силни емоции бидејќи изложените модели ги потсетуваат на дел од нивниот живот.