Diyar Güldoğan
09 Декември 2022•Ажурирај: 10 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Туркије продолжува со своите напори за решавање на тековната војна меѓу Русија и Украина и додаде дека за таа цел наскоро ќе разговара со своите колеги од двете страни на конфликтот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Со цел да се реши оваа криза, в недела ќе имам разговори со [рускиот претседател Владимир] Путин. Исто така, ќе разговарам со [украинскиот претседател Владимир] Зеленски“, изјави Ердоган на „ТРТ Ворлд форум“ во Истанбул.
Ердоган рече дека Туркије сака дополнително да го зајакне Договорот за коридорот за жито, за кој помогна да се постигне ова лето, „и според зборовите на Путин, да се испрати храна преку овој коридор за жито во неразвиените земји“.
На 22 јули, Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа историски договор во Истанбул за обновување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, кој беше запрен во февруари поради војната на Русија против Украина.

Неколку дена пред неговото планирано истекување, значајниот договор за жито беше продолжен за уште 120 дена, почнувајќи од 19 ноември.
Ердоган рече дека од самиот почеток на кризата, Туркије спроведува интензивна дипломатија по принципот дека нема да има победници во војната, додавајќи дека Туркије е пионер на мировната дипломатија која ќе биде пример за светот.
„Додека силно го браневме територијалниот интегритет на Украина, ние се спротивставивме на поттикнувањето тензии во регионот со ирационални политики кон Русија“, додаде Ердоган.

Осврнувајќи се на борбата против тероризмот, Ердоган ги критикуваше оние земји - вклучително и некои членки на НАТО - кои поддржуваат и испраќаат оружје до терористичките организации во северна Сирија кои ја загрозуваат Туркије, како и регионалната стабилност.
„И покрај нашите жртви, Туркије никогаш нема да заборави како беше напуштена во борбата против терористичките организации кои претставуваат сериозна закана“, додаде тој.

Денеска во Истанбул започна шестото издание на „ТРТ Ворлд форум“, дводневен годишен настан на кој се разговара за глобалните проблеми.
На Форумот, кој оваа година се одржува под тема „Мапирање на иднината: несигурности, реалности и можности“, се собраа академици, новинари, интелектуалци, политичари и членови на граѓанското општество од целиот свет.