Aybala Arpacı
12 Септември 2016•Ажурирај: 13 Септември 2016
ИСТАНБУЛ (AA) - Во врска со офанзивата „Штитот на Еуфрат“, Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека иако терористичките организации од тој регион (северот на Сирија) настојуваат да формираат корирор на тероризмот, со борбата против тероризмот тој ќе стане коридор на мирот, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган клањаше бајрам-намаз (молитва) во џамијата Фатих Ормани во Истанбул, а во обраќањето на медиумите по излегувањето од џамијата им го честиташе празникот на сите верници во Турција, но и на муслиманите во целиот свет, а се осврна и на актуелните случувања.
Ердоган истакна дека уште еден бајрам во регионот и во светот е дочекан со многу проблеми и додаде дека и во Турција продолжува борбата против тероризмот, без оглед дали во бајрамските или во другите денови.
Во врска со бомбардирањето на сириските региони Џарабулус, Ал-Раи, Алепо, Ердоган рече дека доколку се одржи зборот, денес со заоѓањето на сонцето би требало да стапи на сила 48 часовно примирје.
„Доколку сето тоа биде успешно, ќе се обидиме да продолжиме на една недела, доколку и во тоа успееме, ќе работиме на тоа и на подолг период“, рече Ердоган.
Тој додаде дека за ова тема имал можност да разговара и со рускиот претседател Владимир Путин и со претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Барак Обама во текот на Самитот Г-20, одржан неодамна во Кина.
Ердоган рече дека Обединетите нации и Црвената полумесечина вечерва ќе започнат со доставување храна, облека и играчки за деца, претежно во Алепо. Исто така, Црвената полумесечина на Турција и АФАД работат на доставување помош во другите сириски региони како што се Џарабулус и Ал-Раи.
На новинарско прашање за тоа што ќе се случи по операцијатата „Штитот на Еуфрат“, Ердоган рече дека на почетокот планот бил да се оди 90-94 или 40-45 километри по ширина и длабочина.
„Тоа не беше само планот на Турција. За тоа разговаравме со ценетите Обама, Путин и Меркел. Рековме ‘ајде да успееме во тоа’, рече Ердоган и додаде дека и тогаш препорачал формирање на „забранета зона за летање“.
„Заедно со оваа зона подготвуваме и една безбедносна зона. Што е тоа безбедносна зона? Тоа е токму тој простор од 90-95 или 40-45 километри. Тоа е во исто време заштита на нашите граници од заканувачките елементи. Всушност, за тоа се работи и тоа нека го знае секој. Што има поприродно од тоа?“, рече Ердоган.
Турскиот претседател потсети и на фактот дека неговата земја граничи со Сирија во должина од 911 километри и рече дека таа граница секогаш ќе биде изложена на опасност.
„Зошто нашите жители во Килис константно да живеат под закана, исто така во Газиантеп или во Шанлируфа?; зошто луѓето да живеат во опасност? Примарна задача на оваа држава и влада е да ја заштитиме нашата територија од опасноста и стравот на граѓаните во таа смисла. Ние долго време бевме стрпливи. Но по нападите во Газиантеп, каде што загинаа 56 лица, меѓу кои 29 или 30-мина се помлади од 18 години, и сето тоа го направија со 14-годишен бомбаш самоубиец, дали и по сето тоа требаше да молчиме?“, запраша Ердоган.
Тој рече, исто така, дека терористичките организации ПЈД, ЈПГ и ДАЕШ во овој дел настојуваат да формираат еден терористички коридор.
„Ние со нашата борба ќе направиме тоа да не биде коридор на тероризмот, туку коридор на мирот. Мораме од тоа да направиме една безбедносна зона. Сите наши сегашни чекори се во таа насока и нашата решителност во таа смисла ќе продолжи“, порача Ердоган.
Запрашан да го прокоментира и именувањето на новите градоначалници во 28 турски општини, откако претходните градоначалници се суспендирани поради поддршката на терористичките организации ПКК и ФЕТО, Ердоган рече дека смета дека тоа требало да се направи и порано.
„Секако, ова не е никаква нова вест. Сметам дека тоа требаше да се направи и порано. Јас сакав да се направи тоа и порано. Зошто? Ова го зборувам како човек кој ја извршуваше функцијата градоначалник. Ако сте избрани за градоначалник, тоа не значи дека можете да правите што сакате. Не можете како градоначалник на општината да станете и да дадете поддршка на терористичките организации. Немате такви овластувања. Вашите овластувања се во вашите градови да градите инфраструктура и да бидете на услуга на вашите граѓани“, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.