Diyar Güldoğan
28 Ноември 2022•Ажурирај: 29 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Туркије е одлучна да ја искорени терористичката организација ПКК, која исто така го загрозува територијалниот интегритет на Сирија и Ирак, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Одлучни сме да ја искорениме оваа терористичка организација, која претставува закана за територијалниот интегритет на Сирија и Ирак, како и за нашата земја“, изјави Ердоган на 38-та министерска седница на Постојаниот совет за економска соработка (COMCEC) на Организацијата на исламска соработка (OIC) во Истанбул.
Ердоган изјави дека иако називите, тврдењата и географските локации на терористичките организации се различни, нивната цел се муслиманите и побара силна поддршка од Постојаниот совет за економска соработка (COMCEC) во борбата на Туркије против, како што рече тој, непријателот на исламот и човештвото.
„Претходната недела осум наши граѓани, од кои три деца, беа убиени од терористичката организација ПКК на улицата Истиклал, а потоа во округот Каркамиш“, рече Ердоган.
„Секако во ова крвопролевање имаат учество и оние кои на овие терористи им даваат оружје и поддршка под изговор дека се борат против ДЕАШ“, изјави Ердоган и додаде:
„Крвта на секој невин кој е убиен се наоѓа на рацете и лицето на оние кои се обидуваат да ги легитимираат терористичките организации.“
Тој посочи дека мора да престане играта за поддршка на ПКК и нејзините ограноци под изговор за борба против ДЕАШ, за која е познато дека е резултат на проектот уште од првиот ден.
На крајот, тој рече дека Туркије, која се бореше со ДЕАШ на терен и ја победи оваа терористичка организација, не може да прифати такви аргументи.
Турските сили неодамна започнаа прекугранична воздушна операција „Канџа-меч“ против терористичката организација ПКК/ЈПГ, чија цел се засолништата на терористите во пограничните области на Сирија и Ирак од каде што планираат напади врз Туркије.
Турските власти соопштија дека операцијата е започната во согласност со меѓународното право и правото на нацијата за самоодбрана според резолуциите на Обединетите нации. Тие исто така нагласуваат и дека терористите се единствената цел на операцијата.
Воздушната антитерористичка операција „Канџа-меч“ следуваше по терористичкиот напад што терористите на ПКК/ЈПГ го извршија на 13 ноември на прометната улица Истиклал во Истанбул, во кој загинаа шест лица, а 81 беа повредени.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која се наоѓа на листата на терористички организации на Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на над 40.000 лица, меѓу кои има жени, деца и доенчиња.