Handan Kazancı
21 Февруари 2021•Ажурирај: 22 Февруари 2021
АНКАРА
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, рече дека Анкара сака да ја јакне соработката со Вашингтон откако Џо Бајден стана новиот претседател на Соединетите Американски Држави (САД), јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сакаме долгорочно да ја јакнеме нашата соработка со новата американска администрација врз основа на вин-вин принципите“, рече Ердоган во видеопораката испратена по повод започнувањето со работа на телевизискиот канал на Турско-американскиот национален управен одбор (TASC).
Тој додаде дека поминале низ процес во кој турско-американското пријателство сериозно е тестирано.
„Не ја видовме поддршката ниту солидарноста што ја очекувавме од нашиот НАТО-сојузник, посебно кога станува збор за борбата против терористичката група ПКК и нејзините ограноци“, рече Ердоган.
Турскиот претседател додаде дека Турција очекува „јасен став од сите сојузници, особено по предавничкиот терористички напад во кој беа убиени 13 турски државјани минатата седмица“.
Ердоган рече и дека Турција и САД споделуваат повеќе заеднички интереси отколку „разлики во мислењето“.
Минатата седмица, во текот на антитерористичката операција во Гара, на северот на Ирак, пронајдени беа телата на 13 турски државјани.
Турските сили на подрачјето Гара, минатата седмица ја изведоа повеќедневната операција „Канџа-орел 2“ со цел спречување на терористите на ПКК и другите терористички групи повторно да ги воспостават своите положби преку кои ќе изведуваат терористички напади насочени против Турција.
Операциите „Канџа-тигар“ и „Канџа-орел“ започнати се минатиот јуни за да се обезбеди сигурност на луѓето и границите на Турција.
Во текот на повеќедецениската терористичка кампања против Турција, припадниците на терористичката организација ПКК, која е на листата на терористички организации во Турција, САД и ЕУ, усмртија повеќе од 40.000 луѓе.