Diyar Güldoğan
01 Декември 2022•Ажурирај: 02 Декември 2022
АНКАРА (АА) – Доколку Руско-украинската војна се одолговлекува, па дури и се прошири, дополнително ќе ја продлабочи глобалната кршливост и неизвесност, предупреди денеска портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„На работилницата каде што се справувавме со Руско-украинската војна, која во суштина е хегемонска борба за моќ, разговаравме за моменталната ситуација и можните сценарија. Продолжувањето и ширењето на војната дополнително ќе ја продлабочат глобалната кршливост и неизвесност“, напиша Калин на Твитер.
Калин ги даде овие изјави еден ден по работилницата „Војната во Украина: регионални и глобални влијанија“ во палатата Чанкаја во турскиот главен град Анкара.
На работилницата присуствуваа универзитетски професори, претставници на тинк-тенк организации, бизнисмени и експерти, кои разговараа за регионалните и глобалните ефекти од војната, како и за дипломатските напори на Туркије за постигнување прекин на огнот меѓу двете земји.
Учесниците рекоа дека треба да се засилат дипломатските напори за да се отвори дипломатски пат за решение врз основа на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и да се ревитализираат преговорите.
На работилницата се зборуваше и за развојот на терен, кризите во енергетиката, храната и синџирот на снабдување, нуклеарната закана и позициите на ЕУ и САД.
Учесниците, исто така, рекоа дека треба да се направат подготовки за можна промена во глобалната безбедносна архитектура во согласност со новите рамнотежи на моќ што може да се појават по војната.