Muhammed Enes Can,Mustafa Hatipoğlu
15 Декември 2017•Ажурирај: 16 Декември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Главниот обвинител на Обвинителството во Истанбул, Ирфан Фидан, изјави дека во станот на еден од вработените на затворениот дневен весник „Заман “, биле пронајдени документи, меѓу кои и конкретен доказ за тоа дека лидерот на ФЕТО, Фетула Ѓулен, им давал наредби на своите поданици инфилтрирани во турското правосудство, да ги ослободат притворените членови на таа терористичка организација, јавува Anadolu Agency (AA).
Фидан во обраќањето пред новинарите се осврна на документите пронајдени во станот на припадник на терористичката организација ФЕТО, меѓу кои е пронајдена и пишана наредба со потпис на Фетула Ѓулен, во која тој наредува ослободување на припадниците на ФЕТО кои во тоа време биле уапсени.
Тој нагласи дека се работи за еден од низата тајно подготвуваните процеси на ФЕТО, кој е спроведен во соработка на припадниците на ФЕТО во редовите на полицијата и правосудството, како и странските разузнавачки сервиси.

Фидан изјави дека по обидот за пуч на 15 јули 2016 година бил издаден налог за апсење на 52 вработени во медиумските куќи, поради нивната поврзаност со терористичката организација која стои зад обидот за државен удар.
Според неговите зборови, меѓу наведените 52 лица, на 27 јули 2016 година бил уапсен и Февзи Јазиџи, уредникот за визуелен и графички дизајн на весникот „ Заман“, по што полицијата детално ги истражила документите запленети во неговиот стан.
„Документот кој е пронајден меѓу дигиталниот материјал во станот на Јазиџи, претставува најконкретен доказ за тоа дека Ѓулен давал наредби на своите следбеници во врска со пуштањето на слобода на припадниците на оваа организација. Припадниците на организацијата (во правосудството) според оваа наредба, на 25 април 2015 година, ги ослободија Мустафа Башер и Метин Озчелик (поранешни судии), како и уште 63 припадници на ФЕТО“, изјави Фидан.

Обвинителот Фидан исто така нагласи деа во тек е криминалистичка истрага на Февзи Јазиџи, кој на 8 април 2015 година отпатувал во САД, а во Турција се вратил на 18 април 2015 година, за една недела подоцна, судот да донесе одлука за ослободување на 63 членови на ФЕТО. Откако е утврдено за што се работи, истата одлука е прогласена за неважечка.
Фидан исто така наведува дека Јазиџи од САД лично ја донел наредбата со потпис на Фетула Ѓулен. Обвинителот Фидан информираше дека во станот на Јазиџи биле запленети речиси 100 мемориски дискови, кои во моментов детално се обработуваат.
Во тек е процесот против Февзи Јазиџи. Тој е обвинет дека однапред знаел дека ќе дојде до обид за државен удар во Турција, а обвинителството побара казна доживотен затвор, поради кривично дело 'нарушување на уставниот поредок на Република Турцијa'.