Diyar Güldoğan
01 Септември 2023•Ажурирај: 03 Септември 2023
АНКАРА (АА) – Турските сили утрово спроведоа воздушна операција против цели во регионите Кандил и Асос во северен Ирак за елиминирање на терористи, соопшти турското Министерство за национална одбрана, пренесува Анадолу.
„Операцијата беше спроведена за неутрализирање на ПКК/КЏК-ПЈД/ЈПГ и други терористички елементи, за елиминирање на терористичките напади врз нашиот народ и безбедносните сили од северен Ирак, за осигурување гранична безбедност и уништување на тероризмот во неговиот извор“, се вели во соопштението на Министерството и се додава:
„Во согласност со нашите права за самоодбрана што произлегуваат од член 51 од Повелбата на Обединетите нации (ОН), на 1 септември извршена е воздушна операција во подрачјето на Кандил и Асос во северен Ирак кои се користени како таканаречени бази од страна на терористите.“
Уништени се вкупно 16 пештерски скривалишта, четири засолништа и две складишта на терористите.
„Многу терористи се неутрализирани и зададен е тежок удар на присуството на терористичката организација во регионот“, се наведува од Министерството и се додава дека Туркије одлучно ќе продолжи да се бори против терористите кои ја загрозуваат безбедноста на земјата и нацијата.
Во врска со операцијата, Министерството истакна дека се посветува најголемо внимание за безбедноста на животот и имотот на цивилното население и за заштитата на историските, верските и културните добра и животната средина.
ПКК е сепаратистичка и терористичка организација која е ставена на листата терористички организации од страна на Туркије, Европската Унија и Соединетите Американски Држави (САД). За време на повеќедецениската терористичка кампања против Туркије, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе. ЈПГ е огранок на терористичката организација ПКК што дејствува во Сирија.