Nilay Kar
19 Август 2019•Ажурирај: 20 Август 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Министерството за внатрешни работи на Турција објави соопштение на турски, курдски и на англиски јазик, во кое се образложува утринското разрешување на тројцата градоначалници на истокот и југоистокот од земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Поради обвиненија за вмешаност во терористички активности, сменети се градоначалниците на областите Дијарбакир, Мардин и Ван - Аднан Селчук Мизракли, Ахмет Турк и Бедиа Озгокче Ертан.
Во соопштението се наведува дека тројцата градоначалници претходно се обвинети за дела како воспоставување или ширење пропаганда за терористичката група или за членување во неа.
Сите градоначалници доаѓаат од опозициската Народна демократска партија (HDP), партија која во повеќе наврати се товари за поврзаност со терористичката организација ПКК.
Испразнетите градоначалнички функции привремено ќе ги извршуваат гувернерите на тие области.
„Терористичката организација ПКК бележи големи загуби поради одлучната борба против тероризмот во Турција, а таа организација со посредство на одредени градоначалници во изминатите години илегално користела и општински ресурси. Сите општини се предодредени според Уставот да служат на потребите на локалната заедница, а некои општини беа на патот да станат и логистички центри за финансирање и логистичка поддршка на терористичките активности“, се наведува во соопштението.
Во соопштението понатаму се вели дека преку истрага се откриени таквите појави и дека се суспендирани градоначалниците за кои се собрани докази дека биле поврзани и ја поддржувале терористичката организација ПКК.
Разрешувањето на градоначалниците е извршено согласно уставните и законските одредби.
„Со одлучна работа на сите државни институции, а посебно во процесот на борбата против тероризмот, терористичките организации забележаа најголеми загуби во изминатите 30 години и бројот на терористи е намален од 2.000 на 800. Општинските инфраструктури на истокот и југоистокот на Турција се насочени кон задоволување на потребите на граѓаните и локалните заедници, а наместо терористичките барикади и ровови, во тие регии се развиваат мирот и просперитетот“, се наведува во соопштението.
Од Министерството понатаму наведуваат дека терористите на ПКК со посредство на своите политички ограноци се обиделе да ги злоупотребат мартовските локални избори и да кандидираат луѓе кои јавните ресурси би ги ставиле на располагање на терористите.
„Еден таков пример е разрешениот Ахмет Турк, на кого веќе му се суди и кој се брани од слобода поради здравствени проблеми. Се товари за формирање и водење вооружена терористичка група, членување во терористичка организација и водење терористичка пропаганда. Повеќемина такви лица беа кандидати на локалните избори“, се наведува во соопштението.
За слични терористички активности се товарат и двајцата други градоначалници.
„Согласно Законот за локална самоуправа, функциите градоначалници на Дијарбакир, Мардин и Ван ќе ги извршуваат гувернерите на тие регии, Хасан Басри Ѓузелоглу, Мустафа Јаман и Мехмет Емин Билмез“, се наведува во соопштението.