Sibel Kurtoğlu
20 Декември 2017•Ажурирај: 21 Декември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека не само муслиманите, туку и христијаните се многу вознемирени од одлуката на САД за признавање на Ерусалим (Кудс) како главен град на Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на заедничката прес-конференција со својот палестински колега Ријад ал-Малики во главниот град Анкара, пред заедно да заминат во Њујорк, Мевлут Чавушоглу рече дека утре Генералното собрание на ОН ќе гласа за предлогот за Кудс, спротивставувајќи ѝ се на одлуката на САД.
„Очекуваме силна поддршка оттаму (Генералното собрание). Одлуката не само што ги вознемири муслиманите, туку и христијаните, исто така, се многу вознемирени“, рече Чавушоглу.
Овој потег доаѓа две недели откако Вашингтон ја објави својата одлука да го признае светиот град како главен град на Израел и да започне со процесот на преместување на својата амбасада од Тел Авив, градот во којшто се наоѓаат главните дипломатски претставништва на сите други народи.
Во понеделникот, САД ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, која го отфрла воспоставувањето на дипломатски претставништва во градот Кудс.
Четиринаесетте земји-членки на Советот гласаа за резолуцијата предложена од Египет која бараше претседателот на САД, Доналд Трамп, да ја смени својата одлука. САД беа единствени кои не дадоа согласност.
Статусот на Кудс веќе долго време се смета за прашање чиј конечен статус треба да биде одреден со израелско-палестинските мировни преговори, а одлуката на Трамп се смета за потценување на тоа долгогодишно разбирање.
Источен Кудс е под израелска окупација од 1967 година.