Ekipa
26 Јануари 2017•Ажурирај: 27 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, денес во Анкара изјави дека од правосудните институции на таа земја се отстранети 3.581 припадник на терористичката организација ФЕТО, и уште 4.235 членови од помошниот персонал, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим се обрати пред присутните на церемонијата за претставување на „Базата на судски податоци“, основана од Министерството за правда на Турција, која ќе содржи податоци за облиците на злосторствата, профилите на осомничените, како и влијанието на судиите и на обвинителите.
„Правдата е темел на државата, без правда не може да биде ништо. Поради тоа, најитно прашање за државата е правосудството да го врати угледот што му припаѓа“, нагласи Јилдирим.
Тој на обраќањето пред претставниците на судството изјави дека кога станува збор за чистењето на терористичката организација ФЕТО, успехот во правосудството е поголем во споредба со другите институции.
„Кога е во прашање чистењето на припадниците на подлиот ФЕТО, во правосудството сме многу поуспешни отколку во другите институции. Тоа не е случајно, бидејќи вие сте институција што со нив прва се соочи. По референдумот во 2010 година, припадниците на ФЕТО излегоа на површина. Беа толку самоуверени што мислеа дека ним веќе никој ништо не им може... Но, денес меѓу вас нема веќе 3.581 предавник. Тоа е многу важно. Освен тоа, од системот отстранивте 4.235 лица од помошниот персонал“, рече Јилдирим.
Тој истакна дека победувајќи една опасност, не биле свесни дека другата тропа на врата.
Тој во врска со одлуката на Владата за основање Комисијата за анализа на вонредната состојба изјави дека е отворен патот кон судските процеси со цел да се процесуираат терористите одговорни за ударите на уставниот поредок.
„Се соочуваме со голема опасност, се соочуваме со деструктивна активност што е акумулирана со години, но нашата задача како правна држава е тоа да се спречи“, изјави Јилдирим и додаде дека прават сѐ што е во нивна моќ за правосудните механизми да работат без тешкотии.