Alma Çekovic
19 Јуни 2017•Ажурирај: 20 Јуни 2017
САРАЕВО - Авионската несреќа во Мостар во којашто на 13 мај загинаа пет лица, меѓу кои тројца малолетници, беше предизвикана поради инфаркт кој пилотот го доживеал во текот на летањето, покажаа официјалните резултати од истрагата објавен денеска во Сараево, јавува Anadolu Agency (AA).
Главната причина за уривањето на авионот „Fuji FA-200-160“ беше срцевиот удар што пилотот го доживеа за време на летот, по што не можел да го контролира управувањето и целосно ја изгубил контролата над авионот, така што леталото удри во земјата, се вели во извештајот.
За жал, на несреќата влијаеше прикривањето на здравствените проблеми што пилотот ги имал. Во извештајот се наведува дека во барањето за последниот медицински преглед пилотот изјавил и своерачно потпишал изјава дека нема проблеми со срцето, и дека во последниве години немал ниту една посета кај матичен лекар.
Резултатите од истрагата ги претстави главниот истражител Салко Бегиќ, а истрагата ја спроведе комисијата именувана со одлука на министерот за комуникација и сообраќај.
Бегиќ истакна дека Комисијата ја извршила постапката за испитување на причините за несреќата во согласност со меѓународните стандарди и процедури (ICAO) и прописи на Босна и Херцеговина.
Комисијата соработуваше со обвинителството, и како што истакна, била целосно независна.
Извештајот содржи 67 страници текст, 700 документи што комисијата ги користела во процесот за докажување на причината за несреќата.
Комисијата за испитување на авионската несреќа во Мостар, формирана од Министерството за транспорт и врски, на 17 мај, четири дена по несреќата, ја заврши првата фаза од истрагата, којашто вклучува увид на местото на настанот и собирање докази, изјави и документи.
Сепак, собраните информации во оваа фаза од истрагата не можеа да се објават во јавноста, а Комисијата продолжи да работи на анализа на собраните докази, расположливите документи и сите факти од коишто може да се донесе заклучок за причините што ја предизвикале несреќата.
Случајот го презеде обвинителството на Босна и Херцеговина, а главниот обвинител на БиХ, Гордана Тадиќ, по посетата на местото на авионската несреќа, рече дека ова е една од најголемите авионски несреќи во земјата.
Во авионската несреќа што се случи на 13 мај оваа година, околу 16 часот во Мостар, животот го загубија пилотот Иван Карачиќ, момчето Мухамед Шиповиќ, братот и сестрата Лука (8) и Лана (11) Ловриќ, и осумгодишното момче Aрман Хаџиомеровиќ.
Трагичната несреќа се случи во текот на панорамски лет, во рамките на манифестацијата „Денови на отворени врати“ со наслов „Лет над Мостар“, во организација на Аероклубот Мостар 1949 година и Мостарскиот аеродром.