Husamedin Gina
01 Јуни 2020•Ажурирај: 02 Јуни 2020
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерката за економски прашања во Владата на Република Северна Македонија, Мила Царовска, и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, одат во самоизолација откако изминатите денови имале средба со пратеник позитивен на вирусот Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, на својот профил на Фејсбук напиша дека од денес е во задолжителна изолација, откако имала контакт со потпретседателот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и пратеник, Мухамед Зекири, кој е позитивен на Ковид-19.
„Во текот на минатата недела имавме заеднички состанок на кој сите бевме со заштитна опрема и на препорачаната дистанца. Сепак, согласно епидемиолошката анкета задолжително ќе останам во самоизолација до 9 јуни“, нагласи Мила Царовска.
Таа, исто така, истакна дека вчерашниот тест за Ковид-19 ѝ бил негативен и дека нема никакви симптоми и се чувствува добро.
Исто така и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на својот профил на Фејсбук наведе дека се повлекува во самоизолација.
„Согласно препораките на епидемиолозите, поради средбата со мојот другар и колега Мухамед Зекири, во наредните девет дена ќе бидам во самоизолација“, нагласи Манчевски.
Тој во објавата на Фејсбук им посака брзо закрепнување на Мухамед Зекири и на неговото семејство.
Пратеникот од редовите на владејачката партија Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Мухамед Зекири, вчера објави дека тој и неговата сопруга и ќерка се позитивни на Ковид-19.