ПРИЗРЕН, МАМУША (АА) - Министерот за надворешни работи на Туркије (Турција), Мевлут Чавушоглу, во рамките на официјалната посета на Косово, ги посети општините Призрен и Мамуша, каде живеат голем број Турци, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на посетата на Призрен, министерот Чавушоглу се сретна со Фикрим Дамка, министер за регионален развој и претседател на Турската демократска партија на Косово.
Чавушоглу исто така оствари средба и со турски невладини организации, а го посети и седиштето на турската мисија стационирана во касарната „Султан Мурат“, која служи како дел од мировните сили на НАТО во земјата.
Министерот Чавушоглу потоа и им се обрати на граѓаните на Мамуша, која е единствената турска општина во земјата.
Започнувајќи го говорот со пренесување на поздравите на претседателот Реџеп Таип Ердоган и цела Турција, Чавушоглу рече дека султанот Мурад Хан и ветераните со него пред 633 години ова место го создале да биде дом на Турците муслимани.
Потсетувајќи дека познатиот поет Мехмет Акиф Ерсој е од овие простори, Чавушоглу ја прочита песната што Ерсој ја има напишано за султанот Мурад Хан.
Чавушоглу нагласувајќи дека сите народи кои живеат на Балканот, особено на неговите сонародници, се во срцата на турскиот народ, рече: „Знаеме дека и вашето срце чука заедно со Туркије. Знаеме дека се радувате на радоста на Туркије и тагувате со нејзината тага. Никогаш не можеме да ја заборавиме поддршката што ни ја дадовте во ноќта на предавничкиот пуч на 15 јули, невозможно е да го заборавиме тоа.“
Нагласувајќи дека Балканот ги преживеа црните денови, Чавушоглу додаде:
„Вложивте напори да го заштитите турскиот идентитет. Благодарам на Господа, татковината (буквално од турски е мајковина) е посилна од кога било и со сите сили стои до вас. Со сите наши институции, ги поддржуваме вашите напори вашиот идентитет, јазик, религија и култура да ги одржувате живи. Нашата цел треба да биде да создадеме генерација која се придржува до својот идентитет и вредности. Генерација која се држи до оваа прадедовска земја, чии корени се наводени со крвта на шехидите и чии гранки се протегаат кон иднината.“
Осврнувајќи се на образовните проекти кои се спроведуваат во Косово, Чавушоглу рече дека минатата година на учениците кои учат турски јазик во Косово им биле поделени таблети, а училиштата биле опремени со паметни табли и друга опрема.
Наведувајќи дека се организираат и програми за обука на наставниците, Чавушоглу нагласи: „Имам добри вести за вас. Денеска разговаравме во Призрен, започнуваме програми за стручна обука и тоа од Мамуша. Најпрво во нашите училишта ќе обезбедиме стручна обука од областа на земјоделството и здравството. Кога нашите деца ќе дипломираат, да имаат можности за работа и да бидат барани. Исто така, има стипендија од нашето Дирекцијата за дијаспора и сродни заедници за нашите студенти кои овде учат турски јазик. Оваа стипендија ја продолживме и оваа година. Ќе продолжиме колку што можеме во наредните години. Ќе продолжиме да бидеме покрај нашите ученици, наставници и семејства.“
Чавушоглу ја истакна важноста од изучувањето на албанскиот јазик, кој е официјален јазик во Косово, за да може турската заедница да ја добие вредноста што ја заслужува.
Наведувајќи дека за време на неговиот престој во пријателско и братско Косово разговарал за подобрување на односите на секое поле, Чавушоглу додаде:
„И вие знаете дека досега го поддржувавме Косово на секое поле. Ние го поддржавме и продолжуваме да даваме поддршка на Косово во неговото признавање и членство во меѓународните организации. Денес, Косово стана почитувана членка на меѓународната заедница и со вашите придонеси. Драги мои браќа и сестри, нашата најголема желба е вас да ве гледаме секогаш во единство, заедништво, мир и просперитет. Ова е пораката денес што се обидуваме да им ја пренесеме на невладините организации и нашите пријатели во политиката. Ние како Туркије, како ваши браќа и сестри од Туркије, немаме други очекувања од вас. Очекувањата се вашето единство, заедништво, здравје и благосостојба.“
Потсетувајќи дека има и такви кои се обидуваат да го нарушат единството и солидарноста, Чавушоглу рече дека овде личните интереси не треба да се ставаат над интересите на турската заедница.
Коментирајќи го основањето на многу политички партии во регионите каде што живеат сонародници, Чавушоглу рече: „За жал, постојат поделби како што е формирањето на многу политички партии во некои места каде што живеат нашите сонародници. Овде, во Косово, нашиот број е јасен. Не можеме да си дозволиме да бидеме поделени. Се надевам дека ќе бидеме во единство.“
Чавушоглу рече дека сонародниците Мамуша ја претвориле во земјоделски магацин на Косово, и дека играат важна улога во тоа Косово да се најде на угледно место во меѓународната заедница.
Посочувајќи дека секогаш кога доаѓа во Косово се чувствува како дома, Чавушоглу рече: „Отсекогаш ни беше чест да бидеме ваш гостин, да бидеме во Мамуша, каде што се чувствуваме среќни и возбудени.“
Тој осврнувајќи се на силната надворешна политика на Туркије во последните години рече:
„Сега Туркије е многу силна земја, има многу очекувања од Туркије, свесни сме за тоа. Туркије сега стана глобален актер. Очите и ушите на сите се насочени кон Туркије за крајот на војните, конфликтите и кризите. Ние правиме напори за мирот и стабилноста на нашиот регион и пошироко, и напори за да не ги разочараме овие очекувања. Правиме напори да ја запреме војната во Украина да најдеме решение за кризата со житото и секаде во светот го вееме нашето знаме. Имавме 255 мисии. Турското знаме се вее насекаде низ светот. За било кој настан, без разлика каде се одвива, се прашува што мисли и Туркије? Со напорната работа на нашата нација и со паметната политика и стратешките чекори што ги следиме под водство на нашиот претседател, стигнавме до тоа. Понекогаш се симнавме на теренот и ја покажавме нашата цврста моќ“
news_share_descriptionsubscription_contact


