Furkan Abdula
11 Мај 2018•Ажурирај: 12 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - На 76-годишна возраст почина познатиот актер и доаjенот на Турскиот театар во Македонија, Салаетин Билал, јавува Anadolu Agency (AA).
По долго боледување вчеравечер почина турскиот актер Билал, кој од 1964 година работи во Турската драма при Театарот на народностите, сегашниот Турски театар во Скопје.
Билал во овој театар одигра голем број улоги сè до пензионирањето во 2007 година, но и по пензионирањето беше ангажиран во овој театар.
Актерот од Турскиот театар беше погребан на гробиштата Бутел во Скопје, по петочната молитва.

На погребот беа присутни неговите блиски, пријатели, голем број лица од уметничката сцена како од земјата така и од регионот, и голем број граѓани на Скопје.
Салаетин Билал во својата кариера играше во повеќе театарски претстави, а неговата кариера ја одбележаа и голем број телевизиски и филмски улоги, меѓу кои и познатата турска серија „Збогум Румелија“.
Салаетин Билал е добитниик на бројни награди: Наградата на списанието „Екран“ за најдобар актер во 1976 − за ликот на Ахмет Нурудин во „Дервишот и смртта“, наградата „13 Ноември“ за Хаџи Трајко во „Коштана“ (1977), наградата „11 Октомври“ за А. Б. во „Дамокловиот меч“ (1983), две награди „Војдан Чернодрински“ за Ахмед Нурудин (1976) и за Аздах во „Кавкаски круг со креда“ (1990), награда за епизода „Димче Трајковски“ за улогата на Нуман во претставата „Стари фотографии“ (Прилеп, 1993), наградата за животно дело (2014).