Bojana Stojanovic
09 Февруари 2018•Ажурирај: 10 Февруари 2018
БЕЛГРАД (АА) - Познатиот театарски и телевизиски актер Небојша Глоговац почина во 49-тата година, по сериозна болест, јавуваат белградските медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).
Глоговац, кој е роден на 30 август 1969 година во Требиње, пред десетина дена беше примен во Институтот за онкологија, а медиумите објавија дека неговата состојба е сериозна.
Една од првите големи улоги на актерот беше во телевизиската серија „Подобар живот“ во 1987 година.
Во 1990 година, запишува глума на Факултетот за драмски уметности во Белград во класата на професорот Владимир Јевтовиќ, а со него студираа и Војин Ќетковиќ, Наташа Нинковиќ и Сергеј Трифуновиќ.
Играше во серијата „Рамна гора“, а ќе се памети и по улогите во филмовите „Буре барут“, „Небесна јадица“, „Молња“, „Кога ќе пораснам ќе бидам кенгур“, „Замка“, „Хадерсфилд“, „Ја бранев Млада Босна“, „Кругови“, како и по улогите во сериите „Семејно богатство“, „Ќе се вратат штрковите“ и „Воена академија“.
Една од неговите последни улоги беше во телевизиската серија „Немањиќи - Раѓањето на Царството“, која наскоро ќе почне да се емитува, каде што ја толкува улогата на Вукан, најстариот син на Стефан Немања.
Во 1996 година стана член на Југословенскиот драмски театар каде што одигра голем број значајни улоги, меѓу кои се и улогите во претставите „Сомнително лице“, „Метаморфозис“, „Хадерсфилд“, „Шини“, „Скитник“, „Лажниот цар Стјепан мали“ и „Хамлет“.
Глоговац минатата година беше прогласен за европски актер на годината на Филмскиот фестивал во Италија.
Наградата за најдобар актер ја доби за улогата во филмот „Уставот на Република Хрватска“ на фестивалите во Пула и Лондон, како и Гран при на Филмскиот фестивал во Ниш.
Тој е добитник на бројни награди, како што се: „Стеријните награди“ за актерското остварување во претставата „Хадерсфилд“ на Театарскиот фестивал во Нови Сад, наградите на Град Белград за филмска уметност, како и наградата „Милош Жутиќ“, статуетката „Давид Штрбац“ и наградата „Бранко и Младен Весиновиќ“.