СКОПЈЕ (АА) - Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес ги претстави резултатите од истражувањето за медиумската писменост кај возрасната популација во Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Надежда Поп-Костова, советник за менаџмент во консултатската компанија „Таргет комуникации“, која преку електронскиот систем за јавни набавки го доби тендерот од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за спроведување на истражувањето за медиумска писменост, за кое рече дека е прво од ваков тип во Република Македонија, претстави дел од резултатите добиени од истражувањето.
Таа во своето излагање се осврна и на методологијата што се користеше при спроведувањето на истражувањето. Поп-Костова напомена дека тоа е направено врз основа на резултати добиени од вкупно 1.523 испитаници од популацијата на возраст од 16 и повеќе години, во периодот од 14 ноември до 8 декември 2016 година.
Прашалникот што беше користен при спроведувањето на интервјуто за испитаниците, беше составен од три групи на прашања: пристап и користење на различни медиуми, резултати од критичкото разбирање на медумските содржини и комуникациски вештини.
На прашањето дали медиумите различно информираат за истите настани, како потпрашање што се однесувало на ТВ-каналите, најголем процент од испитаниците одговориле дека ТВ-каналите често известуваат различно за исти настани.
„Најголем процент од испитаниците, 62,71 процент од нив одговориле дека ТВ-каналите често информираат различно за исти настани, 22,85 само понекогаш, 10,97 од нив се изјасниле дека ТВ-каналите многу ретко известуваат различно“, рече Поп-Костова.
За известувањето на радиостаниците, според резултатите, најголем процент, односно 41,96 отсто од испитаниците одговориле дека радиостаниците често информираат различно за исти настани, 31,78 отсто се изјасниле дека само понекогаш известуваат различно и 18,25 од испитаниците одговориле ретко.
За различни веб-страници, 37,75 одговориле често информираат различно за исти настани, 27,77 проценти само понекогаш и ретко 15,89 од испитаниците.
За дневните весници и списанијата, резултатите покажуваат дека 39 отсто од испитаниците одговориле дека само понекогаш дневните весници информираат различно за исти настани.
За тоа што прават граѓаните доколку има суштински разлики во информациите во медиумите, 50,95 осто од испитаниците одговориле дека доколку забележат големи суштински разлики во информациите за исти настани, не ги отфрлаат сите објавени информации за тој настан, а 40,9 од нив се изјасниле дека ги игнорираат информациите за тој настан.
Во врска со прашањето дали граѓаните прават споредба со информации од друг избор, 53,78 од испитаниците се изјасниле дека не прават споредба, 43,27 прават споредба со информации од друг избор.
Исто така, Надежда Поп-Христова го истакна и резултатот од истражувањето, според кој 49,64 отсто од учесниците во истражувањето одговориле дека целосно се согласуваат оти телевизиите мора да бидат слободни за да бидат објективини и креативни.
Директорот на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски рече дека е потребно да се разговара за формирање на мрежа за медиумска писменост, преку која би се олеснила комуникацијата меѓу различните чинители во општеството коишто имаат улога во развојот на медиумската писменост, со цел да се овозможи поблиска соработка меѓу нив.
„Веруваме дека сите поединечни активности ќе бидат поефикасни и поефективни доколку преку споделување на информации во мрежата, секој најде како може да придонесе во реализацијата во проектите. Сметаме дека би било корисно информациите да се објавуваат преку онлајн-билтен или да се информира за нив европската јавност, преку Европската асоцијација за интересите на гледачите со која Агенцијата има склучено договор за соработка“, истакна Трајчевски.
Според него, постојат најразлични можности за да може формално да се формира мрежа, а институциите да се договорат на кој начин ќе комуницираат и ќе соработуваат.
Тој најави дека оваа агенција подготвува материал што ќе биде наменет да го користат наставниците во основните училишта при планирањето на содржините за медиумска писменост, со претходно одобрение на Министерство за образование.
На денешната промоција на истражувањето на медиумската писменост кај возрасната популација во Република Македонија присуствуваа претставници на различни државни институции, како и од организации што работат во областа на медиумите и цивилниот сектор, кои меѓусебно разменија мислења за спроведувањето на активности што се од важност за подобрување на медиумската писменост во Македонија.