Admir Fazlagic
13 Декември 2016•Ажурирај: 13 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Државната изборна комисија (ДИК) вечерва одржа прес-конференција на која ги соопшти првичните резултати врз основа на оригиналните записници од општинските комисии. Претседателот на ДИК Александар Чичаковски изјави дека Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 51 мандат, Коалицијата предводена од СДСМ освои 49 мандати, ДУИ 10 мандати, БЕСА освои 5 мандати, Коалицијата Алијанса на Албанците освои 3 мандати и ДПА освои 2 мандати, јавува Anadolu Agency (AA).
„На вчерашните предвремени парламентарни избори во Македонија ВМРО-ДПМНЕ освоила 51 мандат, СДСМ 49, ДУИ 10, Движењето БЕСА 5, Алијанса за Алабнците три, а ДПА два", рече Чичаковски.
Тој соопшти дека во ИЕ 1 СДСМ освои десет мандати, ВМРО-ДПМНЕ осум, а Движењето БЕСА и ДУИ по еден мандат.
Во ИЕ 2 ВМРО-ДПМНЕ освои 9 мандати, СДСМ осум, ДУИ два и Движењето БЕСА еден мандат. Во ИЕ 3 ВМРО-ДПМНЕ освои 11 мандати, а СДСМ 9.
Во Четвртата изборна единица и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ освоија по десет мандати, во ИЕ 5 и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат по девет мандати. По еден мандат освоија Аијанса за Албанците и ДУИ.
Во ИЕ 6 ДУИ има шест мандати, ВМРО-ДПМНЕ има четири мандати, СДСМ и Движењето БЕСА по три, а Алијанса за Албнаци и ДПА по два мандати.
Според податоците на ДИК, владејачката ВМРО-ДПМНЕ освои 453.490 гласови, додека СДСМ освои 436.604 гласови.
Процентуално, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 38,09 отсто од гласовите, Коалицијата предводена од СДСМ 36 отсто, ДУИ 7,29 отсто, БЕСА 4,87 отсто, Алијанса за Албанците, 2,95 отсто, ДПА 2,61, Трет блок 0,84 отсто, ПДП 0,10 отсто, Левица 1,02 осто од вкупните гласови.
Излезноста на овие избори изнесува 66,86% од вкупниот број на гласачите.
Од дијаспората нема да има претставник го Парламентот. Меѓу другото, од ДИК информираа дека рокот за жалба за политичките партии е 48 часа.
На овие предвремени парламентарни избори учествуваа 11 политички субјекти, од кои шест политички партии и пет коалиции, со 58 листи и 1.092 кандидати.
Според Избирачкиот список, право на глас имаа 1.784.416 полнолетни државјани на Република Македонија.
Изборите се спроведуваа на 3.480 избирачки места во шест изборни единици во Македонија, а 46 избрирачки места има во седмата изборна единица што ја опфаќа дијаспората, каде што беа пријавени за гласање 20.573 гласачи.