Husamedin Gina
02 Мај 2020•Ажурирај: 03 Мај 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека се регистрирани 45 оздравени пациенти од коронавирусот (Ковид-19), со што вкупната бројка на излекувани пациенти од овој вирус се искачи на 852, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство во дневниот извештај информира дека едно лице починало од коронавирусот Ковид-19, со што вкупната бројка на починати лица од овој вирус во земјата се зголеми на 82.
Во изминатите 24 часа потврдени се 15 нови случаи на Ковид-19. Со ова вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид-19 во Северна Македонија изнесува 1.506.
Во изминатите 24 часа спроведени се 199 тестирања, со што вкупната бројка на тестови во земјата се зголеми на 16.997.
Инаку, како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот, Владата на Северна Македонија донесе одлука, за празникот 1 Мај, односно петок, сабота и недела, ограничувањето на движењето да почнува во 14:00 часот.
Според соопштението од Владата, на 1, 2 и 3 мај, односно петок, сабота и недела, ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 5:00 часот наутро до 14:00 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 14:00 часот и ќе трае до 5:00 часот наутро следниот ден.