Ekip
19 Април 2020•Ажурирај: 19 Април 2020
СКОПЈЕ
Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија на состанокот одржан во врска со активностите во текот на месецот на постот, Рамазан, кој почнува на 24 април, донесе одредени одлуки за спречување на ширењето на новиот вид коронавирус (Ковид-19), вклучувајќи го и суспендирањето на клањањето во џамии, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на ИВЗ се вели дека во текот на месецот на постот, секој ден во џамиите ќе бидат присутни имамот, муезинот, претседателот на одборот на џамијата или еден од членовите на одборот, со цел да се биде во постојана врска со верниците.
„Во текот на месецот рамазан, во секое време на намазот ќе се учи езан, додека по пладневниот намаз ќе се чита мукабеле, по можност да се слуша и надвор од џамијата“, се наведува во соопштението.
Меѓу мерките преземени од страна на ИВЗ, се нагласува дека почнувајќи од април, сите вработени во ИВЗ, вклучувајќи ги и вработените во образовните установи, и субјекти и здруженија основани од страна на ИВЗ, ќе добиваат минимална плата од 14.500 денари.
Во соопштението на ИВЗ се наведува дека оваа мерка е преземена поради економската криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19.
ИВЗ апелира во рамазан максимално да се искористат средствата за информирање со цел одржување предавања со религиска тематика.