Dejan Maksimovic
07 Август 2023•Ажурирај: 08 Август 2023
ЉУБЉАНА (АА) - Синоќа, во надојдените води на реката Теменица во селото Ивања во Општина Мирна Печ, Словенија, пронајдено е удавено лице. Полицијата го потврди идентитетот на 35-годишник од подрачјето на Мирна Печ и продолжува со прибирање информации и утврдување на сите околности околу неговата смрт, за што ќе биде известено надлежното обвинителство по завршувањето на увидот, пренесува Анадолу.
„Пожарникарите на ПГД Мирна Печ им помогнаа на спасувачите на итната служба Ново Место при пренесувањето на телото во возилото на Брза помош“, соопштија од Управата за заштита и спасување на Словенија.
Ова е шеста жртва од разорните поплави што ја погодија Словенија. Вчера беше соопштено дека маж загинал кога при санирање на последиците од поплавите паднал во отворена шахта и починал на самото место, јави Словенечката новинска агенција (СТА).
Во саботата, на брегот на Сава во пределот на Томачево во Љубљана, на неколку стотини метри од неговата куќа на брегот на реката, пронајден е мртов маж. Според првичните информации, смртта би можела да е последица од поплавите.
Во петокот, како последица на невремето, загинаа три лица. Водата однесе жена во подрачјето на Камник, а двајца холандски планинари загинаа од удар на гром во планините, потврдија од Општата управа на полицијата.