Bojana Stojanovic
19 Декември 2016•Ажурирај: 20 Декември 2016
БЕЛГРАД (АА) - Зачувувањето на стабилноста во регионот и поинтензивна соработка во областа на безбедноста се од клучен интерес и за Србија и за Грција, бидејќи само безбеден регион овозможува одржлив развој на сите негови земји, се согласија денес претседателот на Парламентот на Грција, Николас Вуцис, и премиерот на Србија, Александар Вучиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот со Вуцис, Вучиќ изрази благодарност за поддршката на Грција на евроинтеграцискиот пат на Србија, како и за принципиелниот и доследен став за непризнавање на еднострано прогласената независност на Косово, соопштено е од Владата на Србија.
„Србија придава големо значење на односите со Грција, кои се засновани на цврсто пријателство на двата народа. Мораме да работиме на зголемување на трговска размена бидејќи има многу потенцијали што не се искористени“, изјави Вучиќ.
Вучиќ и Вуцис разговараа и за мигрантската криза, која и по затворањето на балканската рута, и понатаму ги оптоварува и двете земји, а Вучиќ изјави дека Србија од почетокот на мигрантската криза се залагала за постигнување на единствениот европски пристап, како и за поинтензивна координација на активностите, пред сѐ за земјите на таканаречената западнобалканска рута.
Двајцата соговорници се согласија дека посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Србија е договорена за крајот на јануари, а таа ќе даде дополнителен импулс на добрите односи меѓу двете земји.
Вуцис денес ќе се состане и со министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, а утре ќе се обрати пред пратениците на свечената седница на Собранието на Србија.